Нови експресни патишта во Македонија

patista

Поврзани вести

Во Македонија се градат нови експресни патишта. Земјава добива стотици километри квалитетна инфраструктура. Ова ќе обезбеди побрз транспорт, пониски трошоци, зголемена конкурентност за компаниите, пишува Лидер.

За еден месец почнува изградбата на две многу важни делници: Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка.

-Со ова продолжува да се реализира ветувањето за изградба на шест вакви патни решенија во должина од 130 километри, инвестиција од 200 милиони евра. Речиси е готов експресниот пат од Велес до Штип со четири ленти, минатиот месец започна изградбата на експресниот пат помеѓу Кочани и Штип, исто така со четири ленти. Стариот пат помеѓу Штип и Кочани останува, а оваа комплетно нова траса треба да заврши за година до година и половина. Во тек на изградба е и патот од Градско до Прилеп, исто така со четири ленти“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Кои се новите делници?

Новиот бран за изградба на експресни патишта почна со делницата Штип – Кочани во должина од 28 километри. Делницата се реализира со пари од Европската банка за обнова и развој како клучно поврзување за овој дел на Македонија.

-Патот ќе има четири коловозни ленти, една за безбедно и три за брзо возење. Предвидената брзина е 100 километри на час, предвидени се клучки за сите населени места од овој регион, објаснува директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.

Источна Македонија добива уште еден важен експресен пат што ќе ги поврзува Штип и Радовиш. Делницата е во должина од 38 километри, а вредноста му се проценува на 64 милиони евра.

Нешто поскапа е делницата од Ранковце до Крива Паланка, но овој експресен пат ќе биде од исклучително значење за Македонија за квалитетно сообраќајно поврзување со Република Бугарија.

-Изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани е од огромно значење за поврзување со истокот на Република Македонија. Во овој регион е во тек и изградбата на автопатот од Скопје до Штип, се гради експресниот пат од Велес до Штип, а потоа и експресените патишта од Штип до Радовиш и од Ранковце до Крива Паланка, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Со полна пареа се гради експресниот пат од Прилеп до Градско. Проектот се реализира во три фази и веќе интензивно се работи на терен. Се работи за делница во должина од 33,5 километри со вредност од 70 милиони евра. Проектот се реализира со Европската банка за обнова и развој. Стариот пат ќе остане како регионален.

Покрај овие делници, предвидено е од Битола да се гради експресен пат до граничниот премин Меџитлија со четири ленти. Инвестицијата се проценува на 10 милиони евра. Овој капитален проект се очекува значително да ја подигне конкурентноста на битолските компании и да ја зголеми атрактивноста за вложување во зоната во овој регион.

Експресни делници со квалитет на автопат

Она што е особено важно е што експресните патишта се градат со стандарди за автопат. Ова остава простор за нивно проширување во иднина.
-Се трудиме да бидат согласно стандарди на автопат, со исклучок на тоа што немаат шест туку четири ленти. Во некое догледно време, доколку има потреба и доволен број возила, може да се прошират со шест ленти, само ќе биде потребно проширување, а веќе стандардите за кривини, длабнатини или нагорници се согласно стандардите за автопати, вели Груевски.

Бум во регионалната инфраструктура

Во овој момент се градат или реновираат 26 регионални патишта низ целата држава. Годинава е предвидено да се опфатат 37 делници во регионалната мрежа, вкупна инвестиција од над 55 милиони евра.

-За одржување на патната инфраструктура за годинава се планирани милијарда и шеесет милиони денари преку програмите на ЈП за државни патишта и на ЈП Македонија пат, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов.

Финишира изградбата на Демир Капија – Смоквица

Финишира изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Инвестицијата е вредна 217 милиони евра, делницата е со должина од 28,2 километра. Автопатот е граден со шест ленти, има вкупно шест мостови, два тунела, мониторинг центар за контрола и безбедност во сообраќајот. Сепак, она што е најважно е што со овој проект целосно се заокружува Коридорот 10 на ниво на автопат.
Годинава се работи на повеќе од 200 километри автопатска мрежа. Автопатот кон Охрид е во должина од 57 километри и со вредност од 374 милиони евра. Вториот од Миладинови до Штип е со должина од 47 километри, вреден 206 милиони евра.
„Во тек е изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица што ќе го завршиме оваа година. Автопатите од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид очекуваме да се завршат во 2018 година“ – вели министерот Мисајловски.

Реконструкцијата на делницата Смоквица – Гевгелија во должина од 10 километри е во завршна фаза, вредноста на инвестицијата изнесува 4,2 милиона евра. Се реконструира и Неготино – Демир Капија во должина од 8,8 километри, инвестиција од 4,9 милиони евра. Во завршна фаза е Куманово – Миладиновце во должина од 23 километри, инвестиција од нешто над 5 милиони евра. Сега ќе се реконструира во обратен правец, односно од Миладиновце во Штип, за што ќе се вложат 7,8 милиони евра, а ќе се работи и на потегот Велес – Градско во должина од 20 километри.

Нови три автопати!

Освен овие автопати, предвидено е да се градат уште три нови. Првиот е Гостивар – Кичево во должина од 42 километри. Проценетата вредност на проектот изнесува 350 милиони евра, а се планира делницата да биде готова до 2020 година. Вториот автопат е од Скопје до Блаце во должина од 13 километри. Овој автопат е со проценета вредност од 70 милиони евра и се очекува да биде завршен до 2020 година. Третиот автопат е на потегот Требеништа – Струга во должина од 8,5 километри. Неговата проценета вредност е 45 милиони евра и ќе се финансира со пари од ЕБОР.
„Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top