Дали игуменот Партениј и господинот Главчев се согласуваат населението во Скопје да се именува како бугарско и црковно-словенскиот јазик да се нарекува бугарски ?

Поврзани вести

На сајтот на Бигорскиот манастир е објавен текст и фотографии од посетата на претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев. Веднаш на прв поглед од фотографиите и текстот може да се забележи дека нешто недостасува. Имено, по редот на нештата, кога одреден државник оди во посета на друга држава, истиот се пречекува и негов домаќин и водач е државник на исти ранг. Во дадениот случај домаќин и водач на господинот Димитар Главчев би требало да биде претседателот на Собрание на Република Македонија. Но, него не го видовме и во конкретниот случај според фотографиите таа улога ја имал игуменот на Бигорскиот манастир.

Следејќи го обраќањето кон господинот Димитар Главчев, игуменот на манастирот ќе истакне:

-Неизмерно Му благодариме на Бога што Ве донесе во нашата Свештена Обител токму сега, во навечерието на споменот на Светите Рамноапостолни Седмочисленици, Кирил и Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, нашите заеднички духовни татковци и родоначалници, творците на нашата писменост и духовна култура.

Во текстот од страна на игуменот се спомнуваат Свети Кирил и Методиј и нивните ученици. Токму ова го отвора прашањето дали игуменот Партениј и господинот Димитар Главчев, во однос на писменоста создадена од Свети Кирил и Методиј го делат мислењето на министерот за Одбрана на Бугарија.

Имено при посетата на Скопје, пред некој ден, по повод склучувањето на Договорот за пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, министерот јавно кажа дека:

-Скопје е првиот град во кој локалното бугарско население се дига на бунт против грчкиот владика и бара во црквите да се служи на бугарски јазик.

Дали игуменот Партениј и господинот Димитар Главчев исто како бугарскиот министер за одбрана се согласуваат, заеднички, населението во Скопје да се именува како бугарско и црковно-словенскиот јазик да се нарекува бугарски. Како тоа црковно-словенскиот јазик стана бугарски кога Свети Кирил и Методиј, го вбуквиле, вкнижиле за богослужбена употреба јазикот кој што го знаеле и им бил познат, а тоа е црковно-словенскиот и никаде не напишале дека е тоа бугарски јазик.

Понатаму во обраќањето игуменот ќе истакне:

-Нашата чест е уште поголема, дотолку повеќе што доаѓате набрзо после склучувањето на Договорот за пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија – земји што имаат толку многу заеднички нешта кои ги поврзуваат во нераскинлива духовна врска.

Читајќи го сето ова веднаш се наметнува дилемата зошто господинот Димитар Главчев, не е придружуван од бугарски црковни претставници на монашкиот и црковен живот во Бугарија. Ако веќе се стремиме да чекориме кон ,,заеднички нешта кои не поврзуваат во нераскинлива духовна врска”, зошто не дојдоа црковни претставници од Бугарија и заднички со монасите од Бигорскиот манастир да сослужуваат. Заеднички да служат Божествена Литургија, а потоа заеднички да се причестат и така преку Светата Тајна Причест да станат браќа и сетри во Христа и да се ,,поврзат во нераскинлива духовна врска”.

Но, ништо од ова бидејќи согласно каноните на Православната Црква заедничко служење значи и меѓусебно признавање и еднаквост, а во дадениот случај некој некого не признава. Останува да се надеваме дека во иднина ќе се случи вакво нешто, а до тогаш остануваме да се надеваме и да живееме во надеж, се за ,,Договорот за пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија”.

А.П.С.
Авторот е Докторант по историски науки

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top