Денес се празнува Светиот маченик Трифун

Поврзани вести

Светиот маченик Трифун

Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.

Светите маченици Перпетуа, Фелицитате, Сатир и другите со нив

Во времето на царот Септимиј Север ги фрлија во затвор зашто беа христијани. Света Перпетуа беше по потекло благородничка и таа ги храбреше другите затвореници да не се исплашат да пострадаат за Христа. На сон виде лествица од земјата до небото, сета начичкана со остри ножеви, јадици, клинци и други смртоносни оружја. А на дното од лествицата лежеше страшна змија. И виде како Сатир прв претрча низ лествицата до врвот неповреден, па од врвот ѝ довикна: „Перпетуа, ајде, те чекам! Но чувај се од змијата!“ Охрабрена од ова Перпетуа застана на главата од змијата како на прво скалило, па брзо редум истрча до врвот. И кога се искачи на врвот, влезе во небесата и ги виде прекрасните дворци небесни и беше многу радосна. Кога им го раскажа овој сон, затворениците растолкуваа дека наскоро им претстои смрт, и тоа прво на Сатир, коешто набрзо и се исполни. Прво го убија Сатир, а потоа Перпетуа и другите редум. Примија од Господ вечна награда во царството на светлината. Пострадаа сите за Христа во 202 или 203 година.

Преподобен Петар Галатиски

Во својата седма година го напушти родителскиот дом заради Христа и се повлече во пустина. Овде со пост и молитва толку се восоврши што правеше многу чуда со силата на Духот Божји. Околу 429 година се пресели во вечното Христово Царство во деведесет и деветтата година од животот.

Извор: МПЦ

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top