Mакедонија без капитенот никогаш не била помоќна!

Поврзани вести

Македонија е доведена во ретка ситуација да игра решавачки натпревар за висок пласман на едно првенство, а Кире Лазаров да е повреден или барем неизвесен. Цела деценија тоа значеше однапред загубен натпревар, но овој пат (треба да) е различно.

Лазаров е ‘рбетот на тимот – тоа е најточниот краток опис на македонската ракометна репрезентација повеќе од десет години. Нашиот капитен ја аргументирал тезава и кога победуваме и кога губиме, освојувајќи индивидуални трофеи, уривајќи рекорди како најдобар стрелец и на СП и на ЕП.

„Тешко на Македонија кога ќе го нема Кире“ стои на дневниот ред со години, а потсетник се сите лоши натпревари, болни порази, пропуштени квалификации, просечни првенства…

И еве Кире го нема! Барем во најлошото сценарио…

Кој верува во момците дека можат без него нека крене два прста! Ако ја почитувате статистиката, тогаш сите рацете горе. Таа вели дека ова е првенството на кое Македонија најмалку се потпира на уморните плеќи на капитенот. На ниту еден од одиграниве натпревари тој не е прв стрелец во репрезентацијата?!

Ако на четвртиов натпревар се повреди по 12 минути, тогаш на претходните три играше солидни 34 минути во просек, главно во напад и повторно не беше прва убодна игла. Постигна 16 гола, но постојано имаше некој пред него што беше голгетерска перјаница на Македонија: против Словенците – Манасков со осум, против Црна Гора – Кузмановски со пет, со Германците – Талески со шест.

Лазаров на сите три беше екстремно важен, ама никогаш во кратката и слатка историја на македонскава репрезентација не се случило позадината на тимот да биде толку напред. Македонија никогаш не била помалку зависна од Кире, а тој на ниту едно првенство немал толку силна поддршка и од толку различни страни, дури ни во годините кога Мојсо беше на своето најдобро или кога Алушовски како хирург погодуваше контри.

До првенствово во Хрватска, Македонија имаше одиграно 27 натпревари на Светските и 19 на Европските (сметајќи од 2009). Од тие 46, Лазаров не играл или се повредил на два, па од 44-те дури на 40 бил прв стрелец на репрезентацијата (другите три се на Манасков и еден на Миркуловски). А сега го играме најдоброто првенство во нашата историја, а три натпревари по ред има кој да го одмени Лазаров. Четвртиот отиде по ѓаволите уште кога тој беше на теренот.

Сакале или нејќеле, ова е дефинитивно почеток на „Македонија без Кире“, само уште бројкиве да им шепнат момците дека можат. Присуството на Кире на теренот без приговор им ги прави нозете полесни и главите побистри, но тоа што самите го даваат на секој натпревар не смее да остане на клупа, со капитенот. Нека се знае уште  вечерва (20.30) против Чешка.

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

[fbcomments]
Back To Top