Соучениците ја открија причината за претепувањето на девојчето во Неготино

Поврзани вести

-Родителот на едното девојче кое беше дел од немилиот настан веќе дојде на разговор во училиштето, додека родителите на другите две ученички треба да дојдат на разговор на шеснаесетти, односно во понеделник – вели во телефонски разговор за Фокус Петар Мантев, директор на ООУ Гоце Делчев, Неготино, по случката која што ја потресе јавноста вчера.

Имено, видео снимка на која се гледа како две ученички брутално тепаат друго девојче, додека останите деца околу нив само гледаат и снимаат со мобилни телефони, без при тоа да се обидат да ги разделат или да повикаат помош, предизвика бурни реакции кај народот. Настанот се случил во средата по часовите, покрај оградата, од надворешната страна на училишниот двор.

-За случајот се известени сите надлежни служби, пријавено е и во ПС Неготино. Со девојчињата се разговараше, се вклучија наставниците, педагогот и психологот. Изречени се педагошки мерки. Станува збор за ученички во деветто одделение, на возраст од околу 14 години, кои и во минатото имале проблеми со доброто поведение. Една од ученичките која е на снимката тој ден дури и воопшто не се појавила на настава. Се превземаат сите потребни мерки за да се надмине проблемот – тврди Мантев.

Според соученици на девојчињата, тие во минатото биле другарки. Кавгата и тепачката, наводно настанала поради момче, односно поради љубомора. Од Министерството за образование го осудија настанот.

Меѓаши: Дескоска целосно да го истражи претепувањето на ученичка во Неготино

Од организацијата прва детска амбасада Меѓаши излегоа со реакција за претепувањето на ученичка во основно училиште „Гоце Делчев“ во Неготино за што бараат целосна истрага од министерката за образование Рената Дескоска Треневска и мерки вакви случаи да не се повторат.

„Повторно и по којзнае кој пат сме сведоци на уште една агресија врз децата во рамки на образовна институција. Во дворот на ОУ „ Гоце Делчев“ во Неготино две ученички брутално тепале и влечеле за коса една нивна соученичка и тоа во присуство на други деца кои набљудувале и соучествувале. Не се важни причините за овој брутален чин, но застрашува фактот на неконтролирана агресија од страна на децата врз свои соученици, што е резултат пред се на затајување на воспитанието во семејството а веднаш потоа и затајување на воспитно образовниот процес во училиштето.

Ова покажува дека не само ранливите категории деца се изложени на опасности туку и децата во училиштата. Очекуваме Министерството за образование и наука т.е. министерката Рената Десковска да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилствотo и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и училишниот двор. Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата.

Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.Ги повикуваме службите во МОН да ги ревидираат застарените правилници за регулирање на поведението на учениците и да разработат мерки за интеревнција при инциденти на насилство во училиштата.

Исто така сметаме дека државата треба да работи на отворање на центри во кои ќе се работи и со децата жртви, но и со децата насилници, бидејќи на семејствата чии деца се вклучени во вакви инциденти им треба психосоцијална помош и друга поддршка.

Детската амбасада Меѓаши повикува на поголема одговорност на родителите и нивна активна улога во превенција на меѓуврсничкото насилство за да не се случи најлошото! Воедно ги повикуваме Државниот просветен инспекторат и МВР да го утврдат степенот на одговорност, со казни за сите сторители и соучесници“ велат од Меѓаши.

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

[fbcomments]
Back To Top