Потпишан Договорот за изградба на новиот клинички центар во Скопје

Поврзани вести

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и претставници на компаниите Гранит, Бетон и италијанската ИНСО системи денеска го потпишаа договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.

Тој истакна дека на проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови проекти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.

Тодоров по повод потпишувањето на Договорот посочи дека постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, а со изградбата на новиот клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствените услуги во Македонија.

-Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата, порача Тодоров.

Новиот клинички центар ќе овозможи врвен третман на пациент и негово олеснето движење и удобност во рамки на објектите. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг менаџмент систем, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.

Постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ се протега на површина од 17 хектари и се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, а низ клиниките годишно минуваат повеќе од 800 илјади пациенти и посетители.

Новата зграда на клиничкиот центар ќе биде со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациентите на 10-то ниво.

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top