Видео: Крвава снимка која ги предомисли конгресмените за интервенцијата во Сирија

Поврзани вести

Барањето на американскиот претседател Барак Обама Конгресот да одобри воена акција против Сирија се соочува со се поизвесен пораз во Претставничкиот дом на Конгресот.

Додека претседателот е во Русија што го забави притисокот на Белата куќа врз демократските конгресмени, а опозициското републиканско раководство најави дека нема да врши притисок врз своите конгресмени во начинот на кој ќе гласаат, мнозинство од членовите на Претставничкиот дом се изјаснија против нападот. – Ако се гласа за резолуцијата денес, таа нема да помине.

Дури 217 членови на Претставничкиот дом најавуваат дека ќе гласаат против, што е доволно резолуцијата да биде одбиена, изјави Ричард Кенту од телевизијата Еј-би-си, која како и другите медиуми во Вашингтон постојано ги бројат и пребројуваат конгресмените во однос на нивната поддршка или противење на резолуцијата.

Претставничкиот дом има 435 членови, што значи дека на Обама му се неопходни најмалку 218 гласови.

Важен фактор во намалување на волјата за американски напад врз Сирија е видео снимката објавена вчера од Њујорк тајмс, во која се гледа како герилци кои се борат против армијата на Башар ал Асад ладнокрвно стрелаат седум заробени војници кои претходно ги претепале и ги натерале да легнат на земја.

Според Њујорк тајмс, масакрот е дело на Абдул Самад Иса, командант на неколку стотини герилци на северот на земјата.

– Згрозени сме од фотографијата што ја видовме во Њујорк тајмс. Не можеме да ја потврдиме припадноста на герилците, но силно ги осудуваме егзекуциите извршени од било која страна во Сирија. Во контакт сме со опозициските претставници и се обидуваме да добиеме повеќе информации, изајви Џен Псаки, портпарол на Стејт департментот.

Поголем број конгресмени реагираа, а сите телевизии во САД драматично известија за оваа видео снимка, со забелешки дека американскиот напад врз армијата на Сирија ќе значи поддршка за истите тие герилци.

– Тие луѓе нема да станат наши сојузници, луѓето од видеото всушност ќе бидат во понеповолна ситуација од американската интервенција која ќе ги засили умерените опозициски сили. Знаеме дека има околу 11 навистина лоши опозициски групи, кои не се дел од опозициската група која ние ја поддржуваме, изјави државниот секретар Џон Кери, кој воедно се судри и со рускиот претседател Владимир Путин околу тоа колку е големо присуството на терористичката група Ал каеда во бунтовничките одреди.

Соочени со критики во Конгресот и во медиумите, претседателот Обама ја откажа посетата на Калифорнија планирана за во понеделник, за да биде во Вашингтон на почетокот на клучната недела кога конгресмените се назад од одмор и се очекува гласање за резолуцијата.

Според шпекулација покрената од конгресмената Илеана Рос Лејтинен, можно е Претставничкиот дом воопшто да не добие можност да гласа, а нападот врз Сирија да биде одобрен само од Сенатот, каде демократите на Обама имаат тесно мнозинство.

Новинската агенција Политико оценува дека главен аргумент за демократските конгресмени да гласаат за резолуцијата, и покрај силното противење на нивните гласачи е стравот дека поразот на Обама ќе значи драматично губење на неговото политичко влијание и крај за неговите обиди да протурка било кое домашно политичко решение во вториот мандат.

Медиумите цитираат и демократски и републикански конгресмени кои велат дека во своите канцеларии добиваат илјадници повици од граѓаните, од кои скоро сите се против интервенцијата.

Вознемирувачко видео (+18)

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top