Нежни женски прсти, со црвен лак на ноктите, бројат и ги редат во скапа торба Луи Витон, дел од 1,5 милиони евра кои им биле исплатени на Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец, во аферата Рекет.

Ова можело да се види на дел од видео материјалот кој бил доказ, дознава Вечер од извори во истрагата.

Според информациите на весникот, истрагата е отворена на барање на земја членка на ЕУ, чиј почесен конзул во земјава е рекетираниот бизнисмен. Барањето за определување ПИ мерки пристигнало преку Амбасадата до Судот, за да се заобиколи влијание на домашни инстанци на процесот. По ова, Судот дозволува определување следење за осомничените.

Истрагата досега има видео и аудио материјали од осомничените, од сведокот во случајот, но и разговори со женско лице, чиј идентитет е утврден, но треба да се потврди.

– Не сум сељак како Зоки Кичеец да ти пратам во црна кеса, во Луи Витон од скапите ќе бидат наредени, вели машко лице во разговор по телефон на женско лице кое се смее на оваа забелешка.

– Добро, сметај дека со нас работата е завршена, а и до Апелација ќе средиме. На Врховен, таму се ваши, му вели женското лице на машкото.

Чиј е овој женски глас треба да покаже истрагата на обвинителството.

Потоа парите се наредени во патната торба во апоени од по 50 евра, со спецификација од банка дека се чисти и податок колку има во торбата. Чантата Луи Витон чинела 3.500 евра.

И таа била испратена на крајната дестинација. Според податоците од истрагата, требало да бидат исплатени 8 милиони евра, а исплатени се 1,5 милиони, со договор останатите да бидат исплатени на рати.