Нашата обврска е јасна: да го чуваме македонскиот јазик, да вложуваме во образованието, да веруваме во младите и да се обединиме околу прашањата што се поважни од дневната политика – нагласува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во честитката по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј.

-Денеска, во лулката на македонската писменост и духовност – Охрид, со почит и пиетет го чествуваме делото на Светите Кирил и Методиј — дело што нè потсетува дека јазикот, писменоста и образованието се темел на слободата, достоинството и идентитетот на еден народ. Македонија низ вековите опстојувала преку словото, верата, културата и знаењето. Според зборовите на претседателот Мицкоски, империи се рушеле, граници се менувале, но јазикот и духовната сила останувале како најцврста врска меѓу генерациите – посочува министерот.

Како што нагласува Андоновски, народ што има јазик, култура и образование никогаш не е мал народ.

– Македонија има со што да се гордее — со својата истрајност, својот дух и своето слово. Нека е честит и вечен празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј! – посочува министерот Андоновски во честитката.