Приоритет на буџетот за Армијата во оваа година е набавка на униформи и чизми. Тендерот е веќе објавен и се очекува да заврши до крајот на годинава и сите припадници да добијат најмалку по два пакета борбена униформа, изјави началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.

Тој, како што пренесе МИА, рече дека буџетот за армијата како стандард во НАТО е дефиниран на 2 отсто од БДП, а буџетот на одбрана и на Армијата во минатите години бил приближно на ниво од 1 отсто.

– Најавено е тој прогресивно да расте со цел да го достигнеме стандардот на НАТО. Верувам дека тоа ќе се случи што ќе овозможи  развој, обука и одржување на борбената готовност на рамниште кое ќе биде потребно како земја-членка на НАТО, истакна Величковски.

Приоритетот на АРМ е одржување на потребното ниво на борбената готовност со цел да се одговори на задачите, посочи началникот и појасни дека буџетот во НАТО-земјите и кај нас се дели процентуално и 50 отсто одат во таа намена.

– Триесет отсто одат во одржување и операции и 20 отсто за опремување и набавки. Принципот кој го применувавме ние низ годините е доделениот буџет да се распределува отприлика во тој размер, рече Величковски, додавајќи дека се случувало за плати да  одат скоро 60 и повеќе отсто од буџетот и потоа средствата кои ќе останат да се делат по приоритети.