Кина, Русија и Иран се обидуваат да маниулираат со јавното мнение во САД пред изборите во 2020 година, изјави за „Блумберг“ претставник од администрацијата на Доналд Трамп.

Засега никому не успеало да ја наруши изборната инфраструктура која е главна цел на нападите. Според претставникот на разузнавачките структури на САД, Кина главно ги користи традиционалните медиуми, додека Русија и Иран се активни на социјалните мрежи.

За администрацијата во Вашингтон Кина, Иран и посебно Русија правеле обиди да се вмешаат во претседателските избори во 2016 година и во конгресните во 2018. Владата не открива детали од вмешаноста во изборите со изговор дека тоа може да пречи на напорите нападите да се осуетат.

По зголемените тензии со Иран, САД се повеќе се изложени на кибер напади. Иранската хакерска група „АПТ 33“ во изминатите недели извршила напади со „фишинг“ мејлови на банки и владини служби за кражба на податоци, наведува весникот.

Според „Вашингтон Пост“ по соборувањето на американскиот дрон, Трамп наредил големи кибер напади врз иранските ракетни и радарски системи кои во моментов се исклучени или онеспосоебени.