Чилеанската Влада се откажа од зголемување на цената на јавниот превоз поради десетдневните протести кои преминаа во насилни и се проширија во околу 20 градови.

Одлуката ја соопшти претседателот на Чиле, Себастијан Пинера.

Тој вчера прогласи вонредна состојба во главниот град Сантјаго, по протестите поради зголемувањето на цената на јавниот превоз, при што беа запалени многу згради во центарот на градот, а градското метро беше блокирано.

Демонстрантите вчера подметнаа оган на неколку станици во метрото, запалија автобус и ги ограбуваа продавниците. Беа затворени 136 метро станици, а беше прекинат сообраќајот во должина од околу 150 километри.

Пинера, политичар од десниот центар, изјави дека ќе прогласи специјален закон за безбедност со цел да се процесуираат „криминалците“ одговорни за нанесената штета во Сантјаго. Тој исто така рече дека го разбира незадоволството на сите кои се погодени со зголемувањето на цената на јавниот превоз.

Засега не е познато дали повлекувањето на одлуката ќе влијае на прекин на протестите.

Во меѓувреме, властите соопштија дека за време на протестите се повредени 156 полицајци и 11 цивили и дека повеќе од 300 луѓе се уапсени.

Чиле е една од најбогатите земји во Латинска Америка, но истовремено и една од оние во кои има најголема социјална нееднаквост.