Во 1894 година ме повикаа за учител во Штип, во општинското трикласно училиште. Во Штип и во Ново Село имаше до 18 учители и учителки. До ноември ја вршев должноста на главен учител. Во ноември пристигнаа Деливанов и Делчев. Дојдоа во Штип назначени како егзархиски учители. Беа поднеле молба од Софија, од каде по нивното назначување тргнале за Штип. Тука за првпат се запознав со Делчев. Наскоро се зближивме, а и живеевме во иста куѓа. Делчев веднаш ми остави силен впечаток со својата отвореност и чесност. При првите обиди да вклучува нови луѓе, тој беше дури и претерано отворен, па мораше да го контролираме, за да не ја искаже нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој постојано се стремеше да ја каже сета вистина, бидејќи сметаше оти секој треба да ја прифати идејата исто онака како што и тој ја прифатил. Беше многу пргав.

На 6 април 1900 година бев уапсен. Останав затворен две години, по што во мај 1902 година бев заточен во Подрум. Кога бев во битолскиот затвор имав право на видување со посетители, и бев во тек со се’ што се правеше. Имав можност и да се допишувам – со шифри. Јас од затворот раководев со битолскиот санџак. Делчев дојде на  кратко во Битола. Тогаш беше задолжен и Лозанчев да зема учество во раководењето. Од затвор ме пуштија пред Велигден во 1903 година. Се вратив во Солун, слободен. Затеков веќе донесено решение за востание. Гарванов беше претседател на Централниот комитет. Ми ги објаснија приликите и фактите, за да се прифати такво решение. Во Солун дојде и Делчев. Изнесе приговори против востанието. Главно сметаше дека Серскиот санџак е сосем без оружје. Ние го утешивме со ветување дека ќе ни биде доставено потребното оружје преку специјални добавувачи. Сметавме на една набавка од 1.000 пушки. Делчев се успокои. Тој тргна со намера да ја среди работата со канал за Света Гора, од каде требаше да поминува оружјето за Серско, и после да се врати во Кукушко, каде некои се беа изјасниле за врховисти. За неговото убиство дознав во Смилево, на Конгресот.

Даме Груев ( 19 јануари 1905 година)