Штотуку завршените локални избори во Албанија, кои ги бојкотираше опозицијата и имаше многу мала излезност, добија амин како мирни и регуларни и од Европската Унија и од САД.

Портпаролката на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич, изјави дека локалните избори што се одржаа во Албанија во неделата, на 30 јуни, биле спроведени во контекст на политичка поделба, но генерално на мирен и регуларен начин.

Кочијанчич вели дека „ги земавме в предвид сите првични забелешки од шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ ОДИХР” и го повторува апелот до политичките партии под итно да се ангажираат за  надминување на кризата.

-Новоизбраните локални органи сега треба да бидат во состојба да работат според нивните уставни надлежности, во полза на граѓаните на земјата. Како што постојано апелираме, владата и опозицијата мора да покажат политичка зрелост и итно да се вклучат во конструктивен дијалог за надминување на актуелната политичка ситуација, порачува Коцијанчич.

Посочува дека сите албански институции и политички лидери сега треба да ги фокусираат своите напори во спроведување на реформскиот процес, вклучувајќи го и продолжувањето на претходно иницираната реформа на изборната легислатива за исполнување на препораките на ОДИХР.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во првичниот извештај за изборите оцени дека гласачите биле под притисок на сите политички партии и дека во некои случаи не гласале слободно и не биле добро информирани. Шефицата на мисијата, Едру Гловер ги повика политичките актери да работат во име на сите граѓани, а не само за оние кои ги поддржуваат.

И во соопштението на американската амбасада во Тирана, во врска со неделните локални избори, се наведува дека амбасадата „ги поздравува оценките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, дека изборите на 30 јуни генерално биле спроведени на мирен и регуларен начин и дала генерално позитивна оценка за пребројувањето на гласовите”.

-Се согласуваме како што посочи и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, дека политичкиот грч и поларизацијата придонесоа за избори во кои гласачите немаа целосен избор. И покрај препреките, албанскиот народ, и оние што учествуваа на изборите и оние кои беа воздржани го искористија своето демократско право на мирен начин и им честитаме за тоа,стои во соопштението.

Амерканската амбасада ги повикува сите политички лидери да ја почитуваат правната држава и да работат во институциите за да го отворат патот на албанската демократија, вклучувајќи го и напредокот со важните изборни реформи препорачани од ОБСЕ/ОДИХР.

-Оние што сакаат да го оспорат резултатот од изборите може да очекуваат од Уставниот суд, за кој се надеваме дека ќе биде формиран наскоро, со судиите кои поминаа ригорозен процес на ветинг. Како и секогаш, САД се заедно со албанскиот народ како партнер, пријател и сојузник. Ние сме посветени да помогнеме во зајакнувањето на владеењето на правото и градењето посилна демократија и посветла иднина за сите Албанци,се нагласува во соопштението на амерканската амбасада.

Инаку, Уставниот суд на Албанија не функционира речиси две години. Ветингот го помина само еден од девете судии, колку што брои судот. За место во оваа највисока судска инстанца, која според најавите треба да биде формирана до крајот на овој месец, имаат конкурирано 18 судии.