Јеменските бунтовници Хути денеска почнаа да распоредуваат дополнителни сили во главното пристаниште Ходеида, а силите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија се приближува кон градот во рамките на најголемата офанзива во тригодишната војна во Јемен.

Во Обединетите нации расте загриженоста дека судирите би можеле да доведат до хуманитарна катастрофа, бидејќи преку пристаништето во Ходеида пристигнува поголемиот дел од химанитарната помош и горивото. ОН инсистира на политичко решение и прекин на судирите во Ходеида.

Околу 22 милиони жители на Јемен зависат од помошта која пристигнува во Ходеида. Приближно 8,4 милиони Јеменци се соочуваат со глад поради војната.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати почна на 12 јуни со жестока офанзива со цел да се заземе Ходеида, кој е под контрола на шиитските бунтовници Хутите, кои имаат поддршка од Иран.

Арапската коалиција поддржана од западните земји интервенираше во 2015 година со цел да ја врати на власт владата што е во егзил, а е признаена од меѓународната заедница. Но, три години подоцна нема никаков напредок, а на војната во Јемен се гледа како на судир на Саудиска Арабија и Иран.