Утрово во Скопје, по кратко боледување, на 86-годишна возраст почина македонската писателка Тамара Арсовска.

Таа е автор на повеќе книжевно-публицистички книги меѓу кои „Запаметено време“ (1992), „Блиски средби“ (1992), „Отаде минливоста“ (1994), „Волшебници на зборот“ (1995), „Чекор во третиот милениум“ (1999), „Влезница за иднината“ (2008), „Најубавите писма на великаните“ (2009), „Писателите за себе“ (2010), „Од дневникот на нашите години“ (2011), „Творците и нивното време“ (интервјуа, 2012), „Летописни помненија“ (2014), „Сите наши години“ (интервјуа, 2017).

Арсовска ги подготвила и антологиските избори: „Илинденски раскази“ (1978); „Поезија на Револуцијата“ (1985), „Весела книга“ (1996), „Во светот на сказните“ (2006).

Арсовска, сопруга на истакнатиот македонски драмски автор Томе Арсовски, исто така беше преведувач на повеќе дела на македонски јазик, а долги години работеше во Македонското радио.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре 28 јуни од 9 до 10 часот во капелата на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје, по што ќе биде погребана.