И додека нас во Македонија не учат да не гледаме назад во историјата туку само напред во иднината, соседните пријателски земји, како што би рекол премиерот и иден министер за економија Зоран Заев, не се откажуваат не само од својата туку и од историјата и на Македонија и од светската.

На интернет кружи „научно откритие“ уште од пред две години. Ова „научно сознание“ кое го објавуваме во оригинал на бугарски на фотографијата, во превод е следново:

„Светската наука без сомнение призна: првиот човек бил Бугарин. Меѓународниот тим од научници докажува дека најстариот претходник на човекот живеел пред 7,2 милиони години на Балканот“.

А тоа што живеел на Балканот е доволна причина со брза и ефикасна крвна анализа лесно да се докаже дека бил Бугарин. Ако може и „Гоце Делчев да биде Бугарин“, а тоа без мака да им го потврдува и претседателот Стево Пендаровски, а премиерот Зоран Заев да не коментира за да не си го расипува и пријателството со бугарскиот колега Бојко Борисов, исто како и со грчкиот Алексис Ципрас, зошто тогаш светската наука да не може да докаже дека и првиот човек во светов бил Бугарин? И тоа без сомнение.

Но, сомнежот е друг: Зошто нас упорно не учат дека историјата не е важна, дека од историјата нема фајде, дека не се живее, дека ние Македонците треба да ја гледаме само иднината, а од друга страна нашите „пријателски соседи“ се борат да докажат дека Александар Македонски бил Грк и по мајка и по татко до трето колено, а Гоце Делчев бил Бугарин до лакти?

А уште поголем сомнеж создава нешто друго: Зошто сегашниве челнци на Македонија, во вид на претседател на држава, премиер и иден министер за економија, со несфатлива леснотија им ја навраќаат водата на соседните „пријателски земји“ на нивната историска воденица?!

Димитар Грумар