Страшо АНГЕЛОВСКИ

После најавите за доаѓање на Јоханес Хан и Филип Рикер во Македонија станува повеќе од јасно дека забревтаната антимакедонска машинерија ќе се обиде да му го зададе последниот удар на македонското постоење. Од надвор, преку притисокот од страна на овие две креатури и, од внатре, од страна на човекот со изгубено памтење и изгубен идентитет, Џејсон Борн од Бардовци.

Целта на оние од надвор е повеќе од јасна.  Неуставното и нелегитимно СЈО, за кое во рок од само една недела се докажа, прво, дека работело врз основа на сечени, лепени и монтирани незаконски прислушкувани телефонски разговори и ,второ, дека служело за државна корупција и рекет од највисок степен, целосно ја изгуби довербата дури и кај најголемиот дел од оние што ги искинаа од носење маичките со неговиот натпис и, со тоа, и можноста да продолжи со натамошен притисок врз сите кои мислат поинаку од бардовечкиот Џејсон Борн. Тоа ќе рече, сценаристот на овој трилер за уништување на македонското постоење, ја изгуби најмоќната алатка во битката против македонската опозиција, па, иако неволно, мора да се врати на местото на злосторството. Па така, овие креатури, ќе се обидат да извршат страотен притисок врз македонската опозиција, да бидеме најпрецизни, врз најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ, за да прифати лидерски, или не знам какви средби, со насилно и неуставно инсталираната власт. Целта е дури брутално бесрамна – опозицијата да го обнови легитимитетот на целосно нелегитимната Влада и уште понелегитимното и целосно искомпромитирано СЈО и да им овозможи натамошна егзистенција за непречени злодела.

Како одговор на ваквите притисоци, ВМРО ДПМНЕ има еден и единствен можен, но, до болка вистинит аргумент  – враќање на државава во уставни рамки. Аргумент на кој, по цена на се, мора да опстои. Ништо повеќе и ништо помалку. Државата, заедно со највисоките институции, после неуставно прикрпеното парламентарно мнозинство, потона во неуставно создавање влада, неуставно формирање СЈО, неуставна промена на име, неуставно воведување двојазичност на целата територија, неуставно…

Што значи враќање на државата во уставни рамки и кој е начинот на кој тоа треба да се изведе?

РЕШЕНИЕ ЗА КРИЗАТА

Просто и едноставно – укинување на неуставното СЈО и предвремени парламентарни избори. Толку. Но, парламентарни избори единствено според мнозинскиот изборен модел. 120 изборни единици со по околу 15.000 гласачи. На секоја изборна единица секоја партија што ќе учествува со свој кандидат со име и презиме, со достигнувања и недостатоци. Гласачите да знаат точно за кого гласаат, а не утре да го добијат во парламентот како свој претставник некој подзаскриен на, на пример, 114 – то место на листата, доколку се оди со една изборна единица. Згора на се, со собирање доволен број потписи, да можат да го отповикаат и да одржат предвремени избори во својата изборна единица, доколку избраниот ги изневери. За да не ни се случуваат нови крстовци, бетки, сашовци…

Наспроти моделот со една изборна единица, на кој инсистираат СДСМ и ДУИ, заради заеднички настап во обид да добијат што е можно повеќе гласови за да се заштитат себе си, но и претседатели на мали политички партии, кои во таквиот модел гледаат шанса некако да се протнат во парламентот заради лични интереси, МААК инсистира на мнозинскиот изборен модел заради заштита на државата и интересите на нејзините граѓани.

После предвремените парламентерни избори, да се формира легална и легитимна Влада, која проблемот со криминалот и корупцијата ќе го решава преку уставна и легитимна форма внатре во Јавното обвинителство, но, со ингеренции од осамостојувањето на државава до денес, односно со ингеренции да го истражи и процесуира и најтешкиот криминал во оваа држава – криминалната приватизација од деведесеттите. Барем толку им должиме на сите оние стотици илјади, наши блиски, родители, соседи, пријатели кои останаа без работа и како жртви на таа криминална приватизација си умреа со немир во душата и од нанесената неправда се превртуваат во гробовите. Зашто, правдата не е правда доколку и зададете рок од кој почнува да постои. Правдата е правда само доколку е достижна за сите и не амнестира никого.

А СЕГА, НАКРАТКО ЗА ЏЕЈСОН БОРН

Претпоставувам дека многумина од вас го паметат филмскиот јунак Џејсон Борн.Тоа е човек создаден во тајните лаборатории на ЦИА како суштество на кое му се бришат емоциите и можноста да размислува со своја глава и, како таков, станува моќно оружје во рацете на агенцијата за извршување највалкани работи зад очите на јавноста. Во една несреќа, тој го губи умот, па, незнаејќи кој е, тргнува во потрага по својот идентитет, изгубен во времето и во просторот. Таков, почнува да станува опасен за ЦИА и, таа, по секоја цена се обидува да го ликвидира. Оттука натаму дејствието во серијалот е филмска класика.

Џејсон Борн од Бардовци, пак, е лик од нашата, македонската реалност. Тоа е човек создаден во тајните лаборатории на ЦИА како суштество на кое му се бришат емоциите и можноста да размислува со своја глава и, како таков, станува моќно оружје во рацете на агенцијата за извршување највалкани работи зад очите на јавноста. Во една несреќа, тој го губи умот, па, незнаејќи кој е, тргнува во потрага по својот идентитет, изгубен во времето и просторот. Таков,почнува да станува опасен за ЦИА и, таа, по секоја цена се обидува да го ликвидира…

Откако ќе увидите дека зборовите целосно ви се повторуваат, нема друго освен да се сепнете и да се запрашате – а, што сакаше да каже Зоран Заев за грчката ТВ Алфа? Дека ние Македонците сме присвојувале светска, балканска и туѓа историја? И, постои ли се уште некој кој смета дека тоа е кажано, онака, од невнимание, од немислење? Постои ли се уште некој кој не сфаќа дека е тоа длабоко смисленото сценарио за целосно бришење на македонското постоење?

Како и да е, Зоран Заев, како човек, двојно повеќе како инсталиран премиер, е одговорен за се што кажал и сторил. Одговорен пред законите, пред народот, пред Господ. И, најмалку што може да стори во моментов е да се извини. Што секако нема да го амнестира од одговорноста.

Но, мене лично, живо ме интересира дали е тоа негов личен став или е став и на членството на партијата, дали е став изграден низ телата и органите на партијата?  И затоа, комисијата за култура, или како и да се вика, на СДСМ, има обврска да излезе и на македонската јавност да и го каже својот став за тоа дали ние Македонците, како што тврди нивниот лидер, постоиме само врз основа на туѓа, украдена историја?

Доколку е тоа партиска теза и теза на мнозинството од членството на партијата, тогаш Република Македонија се наоѓа во исклучително опасна фаза, во фаза многу блиску до внатремакедонска братоубиствена војна. Доколку е така, Господ да ни е на помош.

Доколку не, тогаш СДСМ има обврска пред целата македонска јавност, а посебно пред своите гласачи, да се огради од изјавите на Зоран Заев. Тоа е најмалку што може да го стори како прв чекор во нејзиниот придонес кон враќањето на државава во уставни рамки. Следниот би бил враќање на киднапираната партија во рацете на вистинските, чесните, неискомпромитирани, промакедонски социјалдемократи.

А, ние Македонците, не само што никогаш не сме присвоиле ништо туѓо, туку со децении се бориме само да си го вратиме од другите присвоеното. Тоа е јасната црта што нас Македонците не дели од изјавата на Зоран Заев.

(Авторот е претседател на МААК)