Барањето за одложување на следната средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања до завршување на изборите во Македонија нема за цел да се прекине со работа на комисијата, велат за МИА македонските историчари, кои се дел од оваа Комисија.

Тие појаснуваат дека барањето на македонската страна било да нема формални средби до завршувањето на изборниот процес, а во меѓувреме Комисијата може да разменува материјали и идеи по прашања, кои се тема на дискусија.

– Како на пример, забелешки за учебниците по историја и усогласување на препораки за подобрување на истите. Овој предлог е даден со цел да го заштитиме процесот кој го започнавме со колегите од Република Бугарија, а тоа е градење добрососедски односи преку решавање на отворените спорови поради различното толкување на минатото, посочуваат за МИА македонските историчари.

Тие велат дека злоупотребата на работата на Комисијата може да дојде од двете држави, не само од Македонија.

– Тврдењето дека  Бугарија била во изборен процес и тоа не било пречка за Комисијата да продолжи со работа се покажза како лошо. Имено, токму во предизборието во Република Бугарија и за политички потреби на одредени партии беше усвоена рамковната позиција на бугарската Влада, која има сериозни последици врз развојот на добрите односи и надминувањето на споровите меѓу двете држави и двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот, а со тоа и на работата на Комисијата. Затоа, ова барање е во интерес на двете страни, не само на македонската, нагласуваат за МИА од македонскиот тим во експертската Комисија.

Претходно денеска бугарскиот професор Кирил Топалов во изјава за бугарските медиуми вели дека бугарско-македонската комисија прекинува со работа, а оти како мотив за тоа од Скопје посочиле дека во земјата има важни предвремени избори.

– Тие предложија и тие наложија, за нив овие јавни прашања се политички, нагласи професорот Топалов.

Според него, Бугарија направила се што е можно, па дури и невозможно Македонија да тргне на патот кон НАТО и ЕУ. Но, таму расположенијата се поинакви, ние се покажавме како најлоши и највиновни дека Макрон не го отвори патот, вели Топалов.

Бугарскиот историчар уште додава дека 75 години во Македонија „растат поколенија, кои методично и систематски растат во духот на антибугаризам“.

Македонските историчари во Комисијата за МИА потенцираат дека македонската страна никогаш немала политички пристап во работата и целосно ги отфрлаат политичките толкувања, кои дојдоа од професорот Топалов за пристапот и барањата, што ги имале, вклучувајќи го и последното.

– Особено ги отфрламе произволните толкувања дека Бугарија е виновна затоа што претседателот на Франција, Емануел Макрон решил да ја блокира Македонија за старт на преговори за членство во ЕУ. Не е во ред да се обвинува македонската страна и држава за нешто што воопшто не било кажано, не било предмет на разговор. Членовите на Комисијата од двете страни не ја гледале работата на Комисијата низ призма на преговорите за ЕУ. Токму таквите толкувања, кои потоа се користат за да се обвини македонската страна се јасен пример за политизирање на процесот и неконструктивност, нагласува македонскиот тим во Комисијата.

Тие повикуваат да не се даваат изјави во јавноста кои можат да поттикнат нетрпеливост меѓу Македонците и Бугарите.

– Примерот дека во Македонија во период на 75 години постои системски антибугаризам е неточно и не помага во надминување на споровите. Особено е проблематично користењето на примерот со описот за средновеквното бугарско племе. Токму затоа што ова прашање беше многу брзо надминато и беше прифатено од Комисијата да биде отстрането, а исти или слични описи да не постојат и за Македонците и другите народи и религиски заедници во учебниците по историја во двете држави, велат од македонскиот тим на Комисијата.

Последниот состанок Комисијата го одржа на 28 и 29 минатиот месец во Софија.

Како конструктивни и многу исцрпни ги оценија дискусиите за учебниците по историја за седмо одделение во Македонија и шести клас во Република Бугарија, како и за евентуално заедничко чествување на личноста на Гоце Делчев од македонскиот тим по средбата.

За Делчев повторно не ги приближија позициите. а успеаја да ги усогласат препораки за бугарските учебници и започнаа дискусија за македонските учебници. Најавија дека препораките за македонските учебници по историја за седмо одделение ќе продолжат на следната средба.

Тоа беше шеста и последна средба за оваа година. Досега, Заедничката комисија има одржано осум средби и препорачано им е на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Република Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

А претседателот Стево Пендаровски вчера во интервју за ТВ 24 рече дека Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија сигурно седум-осум месеци наназад, можеби и нешто повеќе, работи со исклучително бавно темпо.

– И гледате што се случува кога ги коментирам македонско – бугарските односи. Но, јас морам да ја зборувам вистината, затоа што не гледам поинаков начин и тие и ние да се ослободиме од баластот. Меѓутоа, знаете што е сега проблематично со работата на таа комисија, сосема начелно зборувајќи без да им се мешам во работата. Вие не можете во 2019, веќе 2020 година ќе не фати, работа на една комисија да биде која била или каква била етничката припадност на некој човек кој живеел пред 150 години, рече меѓу другото Пендаровски.

Според него, многу подобро би било доколку во мешовитата македонско-бугарска експертска комисија биле вклучени и неколку меѓународни експерти, кои го знаат Балканот во тој временски период.

– Мислам дека еден од успесите кои стојат позади Преспанскиот договор е тоа што имаше и меѓунардоно присуство. Макар во позадина не само со Нимиц како официјален медијатор, рече Пендаровски.