МИЦКОСКИ: Илинденци се бореа, партизаните успеаја, јас ви ветувам обнова на Македонија!

/ 16.06.2019

Се борам за Македонија во која ќе има правда. Правда за обесправените, правда за прогонуваните, за сите оние кои што денеска се жртва на политичкиот прогон, угнетени, тероризирани, за сите оние маченици кои што се осудени на затворски казни повисоки од два века. Правдата значи заштита на чесните, но борба против нечесните, криминалците. Ние мораме да станеме земја каде судиите кои правдата е ја испорачуваат од словото на Уставот и законите, а не од словото на партиската книшка или притисок. Мораме да имаме обвинители кои нема да бидат корумпирани, ниту пак да флертуваат со неправдата, истакна денеска на 29-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-Се борам за Македонија каде работата ќе се вреднува. Треба многу работа, многу труд. И спремен сум да ја вложам сета моја енергија, знаење и стручност. Нема запирање, нема воздишки, нема простор за изговори. Мора да се работи и секој мој соработник да го следи ова темпо. Само така можеме да создадеме држава каде ќе имаме стандарди и успеси. Се борам за Македонија каде граѓаните ќе имаат стандард. Каде ќе бидат економски силни. Невработените да се вработат. Вработените да имаат сигурност и повисоки плати. Но и повисок стандард не само животен, туку и во образованието, науката, културата. Се борам за Македонија која има успеси. Каде вардарци ќе ја имаат третата титула во ракомет. Каде македонската фудбалска репрезентација ќе не претставува на Европско првенство. Македонското сонце да стане ѕвездата која ќе свети пред зградата во Брисел. Ќе победиме ако Европа ја донесеме во Македонија. За сето оваа да го направиме ни треба обнова на Македонија. Ние Македонците сме покажале дека можеме да успееме. Зошто успехот не е ништо друго освен научените лекции од минатото, труд, постојанство и многу работа. Денес сме соочени со порази, измами кои се нашето секојдневие, уништување на создаденото, и неумеење да се изгради ново. Неправда, пепел која го одзема нашиот дух, и ни ја уништува иднината. Не е ова домот кој го сакавме да го изградиме и местото каде сакаме да проодат нашите деца. Не е само немањето на работа, или немање на добро платена работа проблемот кој денес го мачи човека. Туку системот кој толку многу пропаѓа, уништува, го тера човека да назадува и покрај сите квалитети и способности на поединецот. И токму затоа нашите кои тука се на отфрлени, во другите развиени земји се на пиедесталот како најдобри, најпосакувани најуспешни. Ако таму можеме да успееме, можеме и дома. А секој од вас знае дека ова не може ова вака да продолжи, затоа што ние ниту имаме втор живот, ниту резервна татковина, потенцира Мицкоски.

Тој додава дека затоа ни треба обнова, обнова на Македонија. Обнова на уништеното, пеплосаното, устоличување на вредностите и принципите за кои вреди да се бориме.

-Дали знаеме како? Јас велам дека мораме. Илинденците се бореа, партизаните успеаја. Здружени, силни. И се имаа еден покрај друг. Секоја генерација со своја борба. Доаѓа времето кога мораме да ја обновиме нашата земја, да ставиме крај на работите со кои не одело досега, да го исправиме она што било погрешно, и да го мобилизираме секој еден ум, поединец и човек кој е спремен да се вложи во обновата. Обнова која ќе донесе правда, работа која ќе донесе стандард со секое поле, стандард за сиромашните, за стопанството, во земјоделието, здравството, а сето ова ќе донесе успеси кои требаат на нашата земја. Сонцето ќе се вее силно и гордо, исто како што нашето сонце ќе стане ѕвезда во знамето на Европската Унија. Знам дека ова е тежок пат, но исто како што знам дека ова единствениот и правен. А Македонија мора да успее. А успехот е во генот на истрајните, храбрите и мудрите. Секој од вас и треба на Македонија, со сиот свој потенцијал, знаење и со целото свое срце. Нашата цел е обнова на Македонија! Ви ветувам обнова а за таа цел и во тоа име победа, истакна на крајот Мицкоски.


Од истата категорија