Во интервју за белградска Политика, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека Заев ја направи реконструкцијата да се дограби до парите на граѓаните, а притоа никој да не го контролира. Единствена цел на целата операција беше тој и неговото семејство да имаат 100 отсто контрола врз буџетот, вели Мицкоски.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме интервјуто на највлијателниот српски весник „Политика“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски:

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било против договор со Грција, но договорот што го постигна Зоран Заев мораше да биде подобар. Доколку и Грција покаже спремност за тоа, не гледаме причина зошто ова прашање не би го отвориле одново. Меѓународните партнери поддржуваат договор меѓу двете земји, но неговата содржината им е од второстепено значење. За нив ќе беше прифатливо што и да се договоревме, вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија во Македонија осврнувајќи се на годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, кој после 27 годишен спор помеѓу Атина и Скопје, донесе решение за името на неговата земја.

Што е добиено, а што изгубено со примената на Договорот?

Прашањето е подеднакво и емотивно и рационално. Македонија и македонскиот народ изгубија многу. Нема Македонец кој не се чувствува повреден, навреден, понижен од постапката на Заев. Да се донесе одлука за промена на идентитетот кој ги засега и идните генерации во тесен круг и без консултации е во најмала рака скандалозно. Да се организира референдум кој е неуспешен и константно да се игнорира волјата на граѓаните е срамно. Нема родител кој деновиве не реагира кога на свидетелствата на своите деца го гледа сменетото име на државата. Не постои некој што не реагира кога гледа дека се менуваат називите на институциите, а Заев се колнеше дека немало да се менува називот на владата во која што работи.

Од друга страна, гледано на рационално ниво, премногу е кратко времето за да се каже дали Македонија добила или загубила. Претходно името беше единствената пречка во процесот на ЕУ интеграциите, сега гледаме дека уште поголема пречка е неспособноста и корупцијата на актуелната влада. Факт е дека процесот за членство во НАТО е деблокиран, но факт е дека состојбата во економијата, здравството, образованието, тоа што граѓаните најмногу ги засега. Не само што не се подобруваат, туку дополнително се влошуваат. Рекорден број, над 500 000 Македонци живеат под прагот на сиромаштијата, државата енормно се задолжува, капитални инвестиции нема, странски директни инвестиции исто така нема, авионите и автобусите се полни со млади луѓе кои заминуваат во еден правец. Јас тука не гледам некоја корист, ниту гледам можност оваа неспособна гарнитура да направи нешто позитивно.

Преспанскиот договор беше силно поддржан во меѓународните кругови, пред се во Берлин, Брисел и Вашингтон. Европските официјални лица го окарактеризираа како историски договор на Западниот Балкан, кој треба да претставува пример за другите регионални спорови. Сепак, кога ќе се погледнат евроатланските перспективи на вашата земја, се чини дека со овој договор западните лидери не ги исполнија своите ветувања. Кога се уверивме дека западњаците едно зборуваат, а друго работат, како тогаш овој модел на договор да се препорача за слични спорови во регионот, пред се мислам на спорот Белград – Приштина ?

Во однос на вашите тврдења за неисполнети ветувања, секогаш е најлесно да обвините некој трет. Не може да се виновни ЕУ или САД ако Заев не се потрудил со аргументи да се избори за подобар договор. Не може ЕУ или САД да се виновни ако генералниот секретар на Заев договара однапред кој да го добие тендерот. Не може ЕУ или САД да се виновни ако корупцијата цвета, а германските фирми ја оценуваат бизнис климата со нула. Не се виновни ЕУ или САД за партизираното судство, за дивоградбите во Охрид или Матка. Не се виновни ЕУ или САД затоа што заменик во Министерството за образование вели дека три години Заев со прст не мрднал во ресорот. Не се виновни ЕУ и САД затоа што висок функционер од Министерството за финасии си заминува и посочува дека владата е корумпирана.

Западниот Балкан е епицентар на конфликти на глобалните стратешки интереси, најнапред внатре во ЕУ, потоа помеѓу САД и ЕУ. Тоа се одразува и на напредокот на Македонија во евроатланските интеграции. Впечаток е дека премиерот со реконструкцијата на владата ја отфрли можноста за вонредни парламентарни избори, на кои вие инсистирате. Редовните избори се следната година, дали после нив ќе се вратите на власт?

Јас не би се сложил дека Заев направи реконструкција како последица на различните геостратешки интереси. Заев ја направи реконструкцијата да се дограби до парите на граѓаните, а притоа никој да не го контролира. Единствена цел на целата операција беше тој и неговото семејство да имаат 100 отсто контрола врз буџетот.

Инаку, анкетите се јасни, а расположението на граѓаните уште појасно. На граѓаните им е преку глава од Зоран Заев. Се што кажа излажа. Човекот дојде на власт без да победи на избори. Формираше влада со хипотеки. Сега доаѓа време кога треба да се плати цената. Со секој изминат ден се гледа дека не станува збор за некаква изолирана грешка, еден корумпиран или неспособен функционер или еден пропаднат проект. Се гледа дека станува збор за систем на работење или подобро кажано неработење. Комбинација од желба за лично богатење, незнаење, ароганција, расипништво и немање респект ниту кон државата, ниту кон граѓаните. Затоа нема дилема околу одењето на Заев во опозиција и враќањето на ВМРО ДПМНЕ на власт. Прашање е само уште колкава штета ќе направат и колкави ќе бидат последиците и пропустите кои ќе треба да ги поправаме. Затоа во периодот што следи мора да се концентрираме да направиме што е можно подобар тим и подобра програма со кои што ќе ја извадиме Македонија од калта.

Еден од потписниците на Преспанскиот договор , министерот за надворешни работи од македонската владата деновиве изјави дека доколку државата не добие датум за пристапни преговори до Октомври ќе биде ставена точка на евроатланските перспективи. Има ли оваа изјава некаква основа? Какво решение нуди вашата партија?

Ова е несреќна изјава која најдобро го отсликува работењето на Заев. Но, колкава штета и да прават, Македонија ниту почнала, ниту ќе заврши со Зоран Заев и неговите послушници. Европерспективите не се нивна сопственост и тие немаат никакво право да ја укинуваат иднината на граѓаните. Затоа јас и сите мои соработници се ангажиравме да лобираме Македонија да добие датум во октомври. Не треба државата и народот да бидат казнети заради криминалното владеење на Заев.

Македонија ќе биде дел од ЕУ, но јасно е дека тоа не е можно со неспособни и корумпирани политичари како Заев и Димитров. Нивниот интерес за Македонија заврши со доделувањето концесии за марихуана или степендии за студирање во странство на сопствените деца. Решението кое што ние го гледаме е многу едноставно. Доколку Македонија не добие датум во октомври, Заев и останатите околу него ќе мора да заминат во политичка пензија, а ВМРО ДПМНЕ ќе дојде со нов тим, компетентен и чесен, кој ќе ги спроведе реформите и ќе ја внесе Македонија во ЕУ. Единствена загуба ќе бидат овие три години во кои Заев си донесе живот само за неговите најблиски, а ја врати Македонија десетина години назад.

Во јавноста изби афера откако македонскиот премиер Зоран Заев, како и одредени шефови на други влади држави бивши министри и амбасадори на членки на НАТО поверувал дека преку телефон разговара со странски политичари а не со, како навистина се случило, со руски комичари. Заев смета дека не треба да поднесе оставка поради тоа, како и дека никој не треба да одговара поради овој скандал. Вие сметате дека Заев треба да поднесе оставка и Собранието мора да распише вонредни парламентарни избори. Зошто?

Другите политичари кои биле таргет на комичарите ја сфатиле измамата после десетина минути. Зоран Заев не ја сфатил ниту после една година. Според неговото признание, доколку не биле објавени снимките, тој се уште ќе мислел дека комуницира со вистинските Порошенко и Столтенберг. Значи не еднаш или два пати, туку којзнае колку пати Заев комуницирал со нив. Сега гледаме дека им испраќал и пораки и фотографии. Ги нарушил сите дипломатски протоколи. За жал нарушувањето на протоколите не се единствениот проблем. Од снимките се слуша дека премиерот Заев е подготвен да влета во коруптивен скандал и да дава поткуп на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Човекот мисли дека сите функционира како него, а јавноста се сеќава на аферата „едно евро за црквата, едно евро за Вице“, кога како градоначалник бараше поткуп од бизнисмен. Од снимките се слушаат озборувања за српските и косовските власти. Од снимките се слуша потсмевање со Босанците и Албанците. Од снимките се слушаат многу работи недостојни за политичар кој е прв човек во партијата и владата.

Зоран Заев потврди дека нема капацитет да ја води земјата. Зоран Заев е срам за Македонија. Деновиве тој се извинува и на Хашим Тачи и на Руската федерација. Човекот мисли дека се му е дозволено, бидејќи на крај ќе го реши скандалот со едно извинување. Јас не верувам дека има сериозен меѓународен партнер кој би споделил со Заев чувствителна информација, откако слушна како ги прераскажува состаноците и разговорите и како споделува фотографии со личности по телефон без да провери со кого комуницира.

Затоа сметаме дека Заев треба за прв пат да ги стави државните и национални интереси пред личните, да се повлече и да си даде оставка, да се формира техничка влада и да одиме на предвремени избори.

(преземено од Курир.мк)