Првиот воз во Македонија тргнал по нецел половина век од пуштањето на првата железница во светот. Тоа се случило на денешен ден, 9 јули 1873 година, кога е пуштен во сообраќај првиот воз на меѓу Скопје и Солун.

Први железни вагони на шини се употребувале уште во 16 век во Германија и во Англија за превоз на ископана руда, а влечени од коњи. Англискиот инженер Џорџ Стивенсон (1781-1848) ја измислил првата парна локомотива во 1814 година, која имала моќ со брзина на пешак да влече неколку рударски вагони.

Првата јавна железница во светот е отворена на 27 септември 1825 помеѓу градовите Стоктон и Дарлингтон во Англија.

По пуштањето на првата јавна железница во Македонија помеѓу Скопје и Солун, во 1888 година се спојува вардарската со моравската железница.

Во 1916 почнува со изградба линијата од Ханриево (Ѓорче Петров) до Охрид преку Тетово, Гостивар, Кичево со крак кон Струга и Ташмаруништа, но пругата е теснолинејка, а возот наречен „пампур“ или „чајниче“. Во 1923 година се поврзува пругата Генерал Ханрис (денешно Ѓорче Петров) – Охрид со Скопје односно пругата била продолжена од Ханриево до Мала станица (наспроти зградата на некогашна НИП „Нова Македонија“), а првата Железничка станица во Скопје е градена во 1937 година. Изградбата траела три години и во тоа време станицата во Скопје била една од најубавите на Балканот, со голем хол од 1000 метри квадратни, со подземни премини и повеќе покриени перони.

Теснолинејката Ѓорче Петров – Кичево почнала да се демонтира во 1948 година и била заменета со нормален колосек во две фази, првата до Гостивар била до 1952 година, а вториот дел до Кичево во 1969 година, додека делот до Охрид останал до денес како нереализиран проект.

Други настани на денешен ден: Војводата Славејко Арсов жив не се предаде 

Македонскиот војвода Славејко Арсов на денешен ден пред 115 години, откако бил тешко ранет во борба кај Свети Николе, се самоубил за да не падне жив во рацете на турскиот аскер.

Борбата на 9 јули 1904 година се водела на врвот Лингура кај селото Долно Ѓуѓанце, Светиниколско. Здружените чети на Славејко Арсов и на Атанас Бабата воделе тешка битка против турската војска.

Во судирот загинале голем број македонски борци, меѓу кои и војводата Славејко Арсов, а Атанас Бабата бил тешко ранет. Турската војска имала 60 загинати и многу ранети војници.

Војводата Арсов е роден во штипско Ново Село на 17 август 1878 година. Се школувал во Штип, Скопје (1895) и Софија (1897/98). Во 1899 стапил во редовите на ТМОРО, а во 1900 година бил затворен во Кичево, а потоа пренесен во затворот во Битола.

Во првите години тој бил комита во четата на војводата Марко Лерински, а потоа бил избран за околиски војвода во Битолско, па во Ресенската околија. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во борбите што се воделе во Ресенско.

Кога востанието било задушено, тој отишол на лекување во Бугарија, но набрзо се вратил во Македонија заедно со своја чета. Идејќи за Ресен, во 1904 година, близу до селото Ѓуѓанце биле опколени од турски аскер. Шест часа траела тешка и крвава борба, тој бил тешко ранет и за да не падне жив во рацете на турскиот аскер се самоубил.

Грците го убија војводата Чакаларов

На денешен ден е убиен македонскиот војвода Васил Чакаларов. На овој ден ден грчките војници шетале низ македонските села и градови во Егејска Македонија со неговата отсечена глава и извикувале: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија“.
Васил Чакаларов е роден во 1874 година во костурското село Смрдеш, а убиен е на 9 јули 1913 година во Бел Камен, Леринско.

Чакаларов е македонски револуционер, главен војвода на ВМОРО во Костурско, најголем противник на грчката вооружена пропаганда во Македонија.

Трагично заврши животот на Иван Хаџи Николов, еден од основачитена ВМРО

Заболен и измачуван од силни стомачни болки, Иван Хаџи Николов на 9 јули 1934 година, животот го завршил со самоубиство во Софија. Роден е на 24 декември 1861 година во Кукуш и е еден од основачите на ВМРО, истакнат македонски револуционер, книжар и трговец.

Од 1894 до 1901 година бил член на ЦК на МРО, а во Солунската афера во 1901 година ги предал печатот и шифрите на Организацијата на Иван Гарванов, па откако ја увидел грешката, се обидел да се самоубие.

Се образувал во егзрхиското класно училиште во родниот град, потоа учел во Пловдив, а во 1888 година завршил Трговска академија во Линц во Австрија. Во меѓувреме, во периодот од 1879 до 1892 година прво учителствувал во Костенец, а потоа на повик на Кузман Шапкарев бил учител во Кукуш, Воден и Солун. По завршувањето на Трговска академија во Линц, Австрија, од 1888 до 1892 предавал во Солунската гимназија.

Во 90-те години учествува во формирањето на Младата македонска книжевна дружина и соработува со списанието „Лоза“. По забраната од бугарската влада за делување на ММКД и за излегување на списанието „Лоза“, поради ширење сепаратизам, во јуни 1892 година во Софија Хаџи Николов се среќава со Коста Шахов и Гоце Делчев и ја разгледуваат идејата за формирање револуционерна организација.

На 21 октомври 1893 година во Солун Хаџи Николов се сретнал со Даме Груев и Андон Димитров при што разговарале за формирање на револуционарна организација за ослободување на Македонија. Тој предложил да им се придружат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев.

Два дена потоа, на 23 октомври 1893 година, во куќата на Христо Батанџиев се одржала нова средба на која присуствувале Иван Хаџи Николов, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Татарчев. Шестмината Македонци ги поставиле темелите на Македонската револуционерна организација и се договориле таа да биде тајна и револуционерна, нејзината територија да биде Македонија во нејзините етно-географски граници, поради што ќе се вика внатрешна и во неа да членуваат лица што се родени и живеат во Македонија.

На 11 септември 1903 година, откако бил принуден да се откаже од својата професија, Хаџи Николов отворил книжарница во Солун, од каде се шират револуционерната идеи меѓу учителите и македонската младеж.

Зад себе Хаџи Николов оставил драгоцени спомени кои Христо Шалдев ги објавува во периодот меѓу 1935 – 1937 година во списанието „Илустрација Илинден“.

Бугарските фашисти во Скопје го убија народниот херој Цветан Димов

На 9 јули 1942 година во Обласната полициска станица во Скопје од бугарските фашисти е убиен народниот херој Цветан Димов.

Тој меѓу народот бил познат како Целе Чаирчанец, роден во Скопје на 5 март 1910 година, а за народен херој е прогласен на 26 јули 1945 година. Димов е еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Орце Николов, Стеван Наумов – Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу).

Цветан Димов е син на Ѓорѓија и Коца Димови, сирмашно скопско семејство кое живеело во Чаир и се занимавало со градинарство. Бидејќи семејството било сиромашно, иако бил добар ученик Цветан бил принуден да се откаже од образованието и да почне да изучува занает. Започнал да работи како чирак кај различни мајстори и тогаш прв пат ја почувствувал суровата положба на работничката класа.

Пред Втората светска војна работел како шивач и бил организатор на разни штрајкови во Скопје, а во 1933 година станал член на КПЈ.

По фашистичката окупација на Македонија во Втората светска војна, Димов учествувал на партиското советување, што се одржа на 22 јуни 1941 година во Козле. Активно учествувал во организирањето и спроведувањето на Илинденските демонстрации во 1941 година и станува еден од најголемите поборници за вооружена борба против новиот фашистички окупатор.

На почеток на јули 1942 година по една провала бил уапсен. Откако бил тешко измачуван бил фрлен од прозорец од 4. кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Тој набрзо починал во затворското одделение на скопската болница, а бугарската полиција лажно кажала дека „Димов се самоубил“.

Уште во текот на НОБ е испеана песна во негова чест.

Во борба против балистите кај Дебар загина народниот херој Панче Поповски

На 9 јули 1944 година кај селото Татар Елевци, во близина на Дебар, во борба против Германците и балистите загинал народниот херој Панче Поповски.

Роден е во Гостивар на 9 март 1924 година. Основно училиште завршил во Гостивар, два класа гимназија во Скопје, а третиот клас во Ниш, каде се приклучил на младинското движење и продолжил кога се вратил во Гостивар.

Окупацијата на Македонија го затекнала во Гостивар, како член на СКОЈ, а во почетокот на 1942 година станал член на Месниот комитет на КПЈ во Гостивар.

Од август 1943 влегол во партизанските единици и особено се истакнал во борбите за одбрана на Дебарца при крајот на 1943 година, после што пораснала неговиот углед помеѓу борците на Првата македонско-косовска бригада. Бил испратен како делегат на Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија, одржан во селото Фуштани на 22 декември 1943 година. На конгресот бил избран за член на Главниот одбор на НОМСМ.

Рано пролетта во 1944 година со Првата македонско-косовска бригада се вратил во Дебарца. За време на формирањето на Првата македонска бригада, на 8 јули 1944 година во село Локов кај Струга, поставен е за заменик на политичкиот комесар на баталјонот. На крајот на истиот месец, во тешки борби за ослободување на Дебар, херојски загинал од непријателска граната кај селото Татар Елевци на 20-годишна возраст.

За народен херој бил прогласен на 9 октомври 1953 година, а неговото име го носи гостиварската гимназија.