Два родендена во ист ден, на војводата Јордан Пиперката и на народниот херој Кузман Јосифоски – Питу. Пиперката е роден 1870 г. во кичевско Козица, а Питу 45 години подоцна во Прилеп, а заедничко им е беспоштедната борба за слобода на Македонија.

– Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, е мисла на војводата Јордан Пиперката.

Роден е на денешен ден 23 јуни 1870 година во кичевското село Козица, а дејствувал најмногу во Демирхисарско и често е нарекуван демирхисарски војвода.

Јордан Силјанов Пиперката е еден од најхрабрите и најпопуларните револуционери и војводи од времето на Илинденската епопеја, учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година и учесник во Илинденското востание. На 1 август 1903 година, во Церско Поле, Демирхисарско, паднал во заседа на турската војска, и тука, откако бил ранет, последниот куршум го испукал во себе и не се предал жив во рацете на непријателот.

Потекнува од земјоделско-сточарско семејство. Семејното презиме му е Пиперкоски, но тој е познат по кратенката – Пиперката. Кај народот има мислење дека бил наречен Пиперката поради физичкиот изглед – бил црвен, но и лут. Уште од рано детство ја почувствувал горчината на тежок селски живот.

Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Буен и пргав по природа, тој многу се разликувал од своите браќа. Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает, каде Јордан не останал долго.

Се вратил во родното Козица. Млад и неискусен, но подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за ова имало повеќе, но непосреден повод била една пресметка со врсници од селото Другово, во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но од групата бил претепан.

Навреден од постапката, по враќањето во селото, решил да излезе ајдук и да им се одмазди на напаѓачите.

Потоа Јордан заминал на печалба во Софија уште со првата група соселани – печалбари, каде го продолжил фурнаџискиот занает. Во Софија, започнал нов живот. Го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните. Влегол во Пиринската чета на Дончо Златков.

Запознавајќи го подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, иако неук, доволно ја презрел заблудата од бугарската ослободителна дејност.

Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата учествувал во Мелничкото востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, Организацијата во Кичевско набргу воспоставила контакт со нив и во 1897 година била формирана првата организациона чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско.

Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил назначен за војвода на Демирхисарскиот реон.

Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите.

Со својата чета ноќе брзо се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба. Неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Илинденското востание во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица.

Преку месноста Скакало и каменестите врвови на село Големо Црско, реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево – Битола.

Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лп, Големо и Мало Црско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци, а селото било запалено.

Јордан Пиперката застанал на чело на една група и се упатил кон Цер, но биле забележан и биле нападнати. Меѓу селата С’лп, Големо и Мало Црско започнала борба, а асекрот започнал да стрела и со топови.

Четите од Грнчарец се упатиле на помош и судирот се засилил. Сите опколени успеале да се повлечат, освен тројцата загинати, меѓу кои бил и војводата Јордан Пиперката.

Тој бил закопан во местоста Черешна во близина на село Велмевци, место од каде што се гледа целата околина како на дланка, а на војводата му е подигнат споменик кој се посетува од мештаните на околните села секоја година, традиционално на 2 август на Илинден.

Војводата Јордан Пиперката народот го опеал во повеќе песни. Една од нив е и „Се собрале комитите“.

 

Се собрале комитите.

Ќе ми одат Суво поле.

Напред оди војводата –

воjводата Јордан Пиперка

 

Ќе ми фаќат метел изин

Ќе го чекат Алил паша,

што ја грабил руса Стојна,

руса Стојна од Мало Црско

 

Проговара војводата –

војводата Јордан Пиперката

Ај да слеземе долу Брезово.

Да го венчаме Алил паша

за невеста остра сабја.

Предавства и казни од Пиперката

Во декември 1902 година, Јордан Пиперката и неговата чета биле сардисани во демирхисарското село Брезово. Благодарение на мобилизацијата на припадниците на Организацијата од околните села кои пристигнале на помош, четата на чело со војводата успеала да излезе од обрачот.

За тоа британските дипломатски претставници известуваат дека на 28 декември „во Брезово, одалечено шест часа од Битола, меѓу 25 жандари под команда на еден поручник, кои опколиле две куќи во истото село, и 12 комити, кои се наоѓале во куќите“.

На помош на комитите дошле уште 15 луѓе „од едно соседно село“ и им овозможиле да избегаат. Куќите биле запалени, двајца од комитите убиени, двајца селани биле ранети, а поручникот бил смртно погоден.

Освен со предавството и смртта на својот соборец Веле Марков, војводата Јордан Пиперката се соочил со уште едно предавство и овој пат во кичевското село Белица.

Таму еден од шпионите ги предал сите припадници на Организацијата, дури кој каква пушка и колку фишеци има. Со списокот в рака османлискиот аскер дошол во селото Белица. Луѓето биле тепани и малтретирани.

Поради тоа Пиперката отишол во Битола да бара одобрение од окружниот комитет да бидат казнети неколку предавници од селото Белица. Добил одобрение за 5 лица да ги казни со смрт. Заради извршување на егзекуцијата над посочените предавници, Пиперката побарал помош од соседните чети.

Дошла четата на Дејан Војводата, на поп Христо (охридската езерска чета), четата на крушевскиот војвода Ѓурчин и четата на Петар Ацев од Прилепско. Овие чети заедно со Јордановата го опколиле селото Белица. Во селото влегле со пет-шест четници само Пиперката, Дејан, Петар Ацев и Ѓурчин. Ги собрале сите селани во една голема куќа.

„Петмина селани и четири селанки ги казнивме само со тепање, а четворица мажи ги врзавме за да ги казнивме со смрт. Ме определија мене со пет други востаници да ја извршиме казната средсело. Ги стрелавме. Од Белица имаше многу луѓе кои шпионираа“, објаснил Дејан Војвода.

Токму затоа оваа казна над предавниците била извршена пред очите на соселаните. Меѓу другото, во своите спомени, Христо Узунов наведува листа од 54 лица на предавници и шпиони или други престапници од охридско-струшкиот регион, убиени по наредба на Организацијата.

 

Питу загина од бугарска рака во Скопје

На 23 јуни 1915 година во Прилеп е роден Кузман Јосифовски – Питу, народен херој на Македонија, а загинал од кушумите на бугарската полиција во Скопје, на 25 февруари 1944 година.

Питу е еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија (1941-1944), а за народен херој бил прогласен на Илинден 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Мирче Ацев).

Поради неговата патриотска борба за слобода на Македонија, бил нарекуван Гоце Делчев на НОБ или вториот Гоце Делчев.

Студирал на Универзитетот во Белград, каде во 1938 година станал член на КПЈ и бил еден од организаторите на студентско друштво Вардар и на македонското национално движење МАНАПО. Oд 1939 година бил испратен на партиска задача во Прилеп. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално – револуционерната свест на Македонците за продолжување на ослободителната борба против великосрпскиот окупаторски режим. Поради несогласувања бил исклучен од партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која било барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и друго. Од 1940 година станал член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал често пати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Во текот на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во скопската населба Буњаковец.

Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика Алумина бил убиен од бугарски куршуми, а на тоа место денес има спомен – плоча.

Како што обелоденија историчарите, инструкторот на КПЈ Светозар Вукмановиќ – Темпо испратил телеграма до Јосип Броз Тито во која тој барал Питу по секоја цена да биде тргнат од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување одржано на 2 август 1943 година, каде Питу се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија, во Егејска и Пиринска Македонија и нивна заедничка борба со Македонците од Вардарска Македонија, за целосно ослободување и обединување на Македонија.

Во центарот на неговиот роден Прилеп, до Музејот на 11 Октомври (поранешниот бугарски участок), подигнат му е споменик, како и во Скопје. И студентскиот дом К.Ј. Питу го носи неговото име во чест на жртвата што ја дал за слобода на Македонија.