Пишува: Блаже Миневски

Како да се напише писмо? И не само да се напише туку да биде напишано според сите стандарди. Според советите што случајно можат да се прочитаат меѓу препораките за тоа како најбрзо и најдобро да се излупи јаболка, или како домот да се заштити од муви со помош на најлонска ќеса, вода и неколку метални парички фрлени во водата, секое писмо мора да се започне со „Почитуван Господине…„ Почитувана Госпоѓо….“ или „Почитувана Госпоѓице…“ но, ако не се знае родот на  примачот, а за да се избегне грешка во обраќањето во женски или машки род, се пишува само „Почитувани…“ Ваквите инстант-писмовници за „општа употреба“ препорачуваат службените писма да не се подолги од една страница, а приватните да водат сметка за времето на оној што треба да ги чита и за важноста на она што се соопштува. Впрочем, без оглед на тоа кој е примачот, не смее да се скока од тема на тема, односно секој пасус треба да има смисла, односно почеток и крај. Притоа, се препорачуваат и повеќе варијанти за завршување на писмата, како, на пример „Со љубов; Со почит и благодарност,  Искрено;  Остануваме во контакт, Со нетрпение го очекуваме Вашето пристигнување“ и слично.

Всушност, крајот секогаш зависи од нивото на преписката, блискоста на лицата што комуницираат и фрекфенцијата во размената на писмата.

Македонска традиција на пишување писма

Македонците пред четири века имале специјалени прирачници во кои со образец било објаснето како треба да се изгледа секое писмо во зависност од тоа на кого му се испраќа. Според овие прирачници, или писмовници, секој можел да види како се пишува писмо до пријател, до кнез, принц, крал, монах, трговец, итн. Во Македонија постојат повеќе вакви сочувани писмовници од 16 до 19 век, кои даваат пресек на историскиот развој и значењето на комуникацијата воопшто. Слепчанскиот писмовник од 16 век,напишан во истоимениот манастир во Демирхисарско, кој денес се чува во Државната библиотека во Москва, содржи 17 обрасци за пишување на писма до црковни и световни лица, меѓу кои и до султанот Сулејман Величествени.

Според образецот објавен во писмовникот, секој што ќе посакал да му напише писмо на Сулејман морал да го титулира како „цар на Македонија, Бугарија, Србија и други земји“ што за нас е многу важен факт, особено поради засилената пропаганда на негирање на името и идентитетот. Во таа насока секако е интересен и писмовникот на Христе Хаџи Константинович, „учител од град Прилеп, Македонија“. Во овој македонски писмовник се застапени 31 образец за пишување на писма до црковни и световни лица, а во него јасно се кажува дека Христе е „учител од град Прилеп, Македонија“ и дека „писмовникот го напишал во 1824 година“. Овој писмовник денес се чува во архивот на  МАНУ во Скопје.

Во писмовникот, пак, на Арсенија Поп Стефанович од Лазарополе, напишан во 1844 година, се застапени 30 обрасци за пишување на писма до разни црковни и световни лица. Овој писмовник денес се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски од 1804 година има пет обрасци за пишување на писма,  потекнува од Селце, Прилепско, а  денес се чува во Богословскиот факултет во Скопје.

Според д-р Михајло Георгиевски, кој ги има расчитано и обработено со современа македонска азбука, во оригинална јазична форма, сите спомнати раскописи, а истовремено ги има истражено и главните карактеристики на епистоларната литература, нејзиниот историски развој и значењето во македонската културна и национална историја, писмовниците имаат повеќекратно значење како книжевни културно-историски споменици, но и како огледало на културно-просветното ниво на нашиот човек во минатото. Сите писмовници се напишани на црковно-словенски и на македонски народен јазик, а во нив испраќачот на писмото во почетокот со покорни зборови и „метании“ испраќа стилски богати и богоугодни поздрави. Во средината на писмата се наоѓа главниот дел во кој се прикажува содржината на писмото и потребата да се обрати до соодветната личност. На крајот на писмото се спомнуваат желбите за здравје, благосостојба и голема благодарност за она што е барано до оној до кого е упатено писмото. Всиушност, од писмовниците се гледа степенот на културното однесување во одредено време и средина, како и богатството на стилот и јазикот што се употребувале во меѓусебна пишана комуникација на луѓето кои живееле на овие простори:

„Писмовниците се еден вид културен барометар и затоа претставуваат драгоцени документи за секоја национална култура. Засега како најстар и најзначаен македонски писмовник се смета Слепченскиот писмовник од средината на 16 век, поточно од 1543 година. Се мисли дека него го има составено Висарион Деварски, истакнат македонски книжевник од Слепчанскиот манастир „Св. Јован Продром“. Во него се застапени обрасци за писма до црковни и световни великодостојници – епископи, игумени, монаси и монахињи, духовници, цркви и манастири, свештеници, кнезови, султани и други господари. Значајно е тоа што во него се среќаваат и писма упатени до конкретни историски личности како, на пример, „кратовскиот кнез Димитар“, потоа „монахот Филип“, и други. Писмото до монахот Филип е составено од приврзаник на исихазмот што упатува на помислата дека предлошката за овој писмовник била напишана на Света Гора во текот на 14 век кога исихазмот таму зел широк замав. Според образецот, писмата што биле пишувани до „кратовскиот кнез Димитар“ главно се однесуваат за материјална помош и благодарност за великодушноста.

Мошне интересен е концептот за писма кои требало да се упатуваат до Султанот, од кој и да е крај на неговата империја, Ваквите писма секогаш требало да почнуваат со зборовите:

„До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар на господарите и цар на сите земји романски и македонски, бугарски, српски и беломорски, и црноморски и анадолски и мисирски и цар вселенски…“, а потоа се додавало кој го пишува писмото, со име и презиме, поданик на „вашето големо царство“, за на крајот, веднаш по текстот на барањето или молбата, писмото да заврши со „Бог да ги умножи годините на Вашето царување, амин“.

Овој значаен македонски писмовник од 16 век, со јазични црти од македонските народни говори, содржи 15 листови, исполнети со концепти за пишување на писма со вкупно 20 единици. Писмовникот е напишан во манастирот Слепче, Демирхисарско, од каде што при своето патување по Македонија го зел рускиот, односно украински славист Виктор Григорович и го однел во Русија каде што и денес се чува во Државната библиотека во Москва, во збирката на Григорович, под број 1734 “, вели д-р Георгиевски.

Во обрасците има примери во кои се сугерира пишувачот да напише дека е Македонец!

Славистот Виктор Иванович Григорович при своето „истражувачко“ патување по Македонија во пролетта 1845 година, со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Македонците“, како што вели Димитрија Миладинов во писмото пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година и упатено до Григорович во Москва, успеал да го најде и однесе само Слепченскиот писмовник. Дали го откупил или го добил како подарок, нема податоци. Сепак, во Македонија, до ден денес, останале три писмовници од времето кога Григорович, и други како него шетале по селата, градовите и манастирите и „собирале материјали пишани со старото писмо на Македонците“. Станува збор за писмовници од првата половина на 19-ти век, создадени во неколку македонски града: писмовникот, односно „книга посланиа“, како што пишува во неа, на „Христе Хаџи Константинович, учител прилепски од град Прилеп, Македонија“, од 1824 година, потоа писмовникот на Арсениј, син поп Стефанович, од 1844 год, и писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски.

Писмовникот на Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, е најбемен а истовремено и најзначаен, заедно Слепчанскиот писмовник од 16 век, се разбира, меѓудругото и поради податоците што ги оставил составувачот.

Во ракописот на Христе Хаџи Константинович од Прилеп има запис во кој се вели: „Сија книга глаголемаја посланиа писа Христе Хаџи Констатинович учител прилепски иже од града Прилепе македоннстем, 1824 год. Февруариј“. Освен ова на последниот лист, во друг запис се вели дека „Сија книга глаголемаја посланија от Илија Димов (Илија Димов е прецртан во поново време и е напишано) Христета син бакал писана у град Прилепе, Македонстем, 1824, месеца марта, ден седми“.

Според д-р Михајло Георгиевски од записите се гледа дека овој писмовник своерачно го има напишано Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, во град Прилеп, Македонија, во 1824 година. Ракописот е најден во Прилеп, а сега се чува во МАНУ под бр. Мс 2.

Писмовникот на Арсениј поп Стефанович, пак, потекнува од 1844 година и содржи 69 листови, но последните тринаесет листа не се испишани, односно Арсениј не стигнал да ги пополни со нови обрасци за писма. Писмото е полууставно, иако на крајот на ракописот се ближи кон брзопис. Јазикот е црковно-словенски, но од 49 до 53- от лист обрасците се напишани на македонски народен јазик од западното македонско наречие.

Според јазикот, но и според стилот што е користен во составувањето на обрасците, македонските писмовници фрлаат значајна светлина врз културното и економското живеење во Македонија во 16 и  во 19 век,  но исто така, претставуваат и своевиден урнек за нивото на пишаната, писмовната коресподенција и капацитетот на македонскиот јазик, кој во тоа време речиси исклучиво бил користен  само во усната комуникација.

Според  писмовникот на Христе Хаџи Константинович од Прилеп:

Сите писмата почнуваат со соодветно обраќање до лицето на кое му се пишува!

Во писмовникот на прилепскиот учител Христе Хаџи Константинович од 1824 година дадени е список на  пригодни зборови за обраќање на разни лица. Според обрасците од овој писмовник на родителите мора да им се обраќа со лјубведостојннејши, на браќата со прелјубезниј, на старците со почитаеми, на трговците со почтеннејши, на господарите со благороднејшиј, на линарите (астрономите) со високоученнејшиј, на командантите со превослодителнејши, на владетелите и кенозовите со славнејшиј, сијателнејшиј и височајшиј, на царевите со веспресветлејшиј пишајшиј, величественејшиј или ваше имнедатоденое или кралско величество, на свештениците со благоденнејшиј, на презвитерите со всеблаговеннајшиј илипресветејшиј, на монасите со преподобнејшиј, на јеромонахите со всепреподобнејшиј, на епископите со благолјубивејшиј, на архипископи со високопреосвештеннишиј, на патриархите со константинополскиј, славнејшиј или всесвјатенејшиј, на учителите со словеснејшиј или мудро словенејшиј!

Писмо од таткото и мајката до синот

 

„Вселјубезнејшиј мои сине кир Христо лјубезно те поздравлјаем и всесусердно желаем здравствовати и радоватисе от Господе многолетно. От родителснија естественнија лјубве содржими суште неможем преминути да би не восписавше поздравити лјубезное наше чадо. Прием и обавлјаем како божиеју благодетију находимсја всеблагополучно. Токмо сожалеваем јако чрез толикое време неполучихом от вас некоего известие.

Да разумевше за ваше доброздравие приемси радост и веселие.

Сего ради лјубезно советуем вам да не ленитесе часто посештати нас своим писанием, кое ми видјаште их како самих васмним видети, прочее дасподобит нас Господ Бог видети се во веки амин

1823 месец декември 15

лјубезниј ваши родителие и молитвеници Јоан и Анна

из вне

Вселјубезнејшему нашему иже от утроби нашеја син кир Петру

молитственно, у град Пелагонија.“

 

 

 

Писмо до братот

 

„Благородни господин кир Георгиј мој лјубезни единоутробни брат здравствуит от Господе многолетно.   Со сим моим настојаштим писанием препосидаем вам мое братолјубезное поздравление и за нас вам објавлјаем како находимсја живо и здраво и молим Господа Бога за ваше телесное здравие и душевное спасение.

Посем просим и молим вашу лјубов да изволите часто посештати мене брата вашего своим писаниами,  кое аз их за радост и великое утешение имети буду за кое прочее благонадешден есм. 1824.

 

Лјубезниј брат ваш Павел

из вне

Благородному господину кир Илију лјубезному

единоутробному брат.

 

 

Во писмовникот на Арсениј Попстефанович од 1844 година:

Писмото до родителите секогаш почнува со „благороден господине“ и „љубезна госпоѓо“!

Прелјубезнејшиј и дражајшиј мои отче благороднејшиј господине Ксантопуле и лјубезнејшаја госпожа мати Олимпиадо все израднејши мои родителие со всем вашим благодатним домом радуетесја и здравствујте о господе на многа лета. Не могу ја ниедину час преминоват чтоб не воспомјанут вашеја родителскаја лјубве во первих како имели есте прилежное попечение и воспитаниј моем и наставлениј на всјакое дело блапотребно по сем јако истиниј рачителие благочесија благоју ревностју возревновавше о спасении моем не взираја на маловременое вздешное благополуче но желаја вечнаго на небеси наслажденија от дасте мене вдари службу господови богу воинство царју небесному служити ему вовеки воистину блажениј и преблажениј ест ви осладчајшиј родителие јако избависте ме суети мирскија и приведосте во граду тишајшаго пристаништа зато да восприемете от господа бога сугубое воздајание во царствии его и небесним радоватисја тамо совсеми светими прошу же и молју вашеја родителскија лјубов не оставит мене от поменанија в просимих ваших к богу молитвах да утвердит моју жизн даже до кончини моеја непоколебимо и не лишити мене посланијами чеснејших писаниј ваших кон не да будет на великују радост и веселие јаже благодатију божиеју и вашими светими родителскими молитвами обретајусја во светии обители   (име рек) всеблагополучнои желају видити вас поскоро и тако у ноги ваши уподају покорнејше все вас поздравлјају светија десници лобизају и благословенија вашего усердно прошу.

Вашего благородие прелјубезнејших моих родителеј

всепослушнејшиј и недостојниј син Горазд.