Видеоснимки и разговори поседува Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како докази за притворот што вчера го добија Бојан Јовановки алијас Боки 13 и Зоран Милевски.

Ова го потврди обвинителката Вилма Рускоска на прес-конференцијата на која беше кажано дека Боки 13 бил уапсен на излез од Македонија на граничниот премин Богородица, при обид за бегство. Обвинителството немало обележани пари како доказ, но имаат обезбедено разговори и видеоснимки.

По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која двајцата осомничени ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание”, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело”.

Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага. На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

– Истражната постапка се води зашто од ноември 2018 година до април 2019 година првоосмоничениот искористувјаќи го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второсомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка лично со осомничениот, појасни Рускоска.

При овие средби од сведокот биле побарани најпрво 8 милиони евра да се запре истражната постапка, а доколку постапката не се запре тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности сведокот требало да им исплати пет милиони евра со тоа што веќе дадените 1 милион евра во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока.