Власта го потпиша договорот за хеликоптерско спасување. Од Илинденска ни потврдија дека ставиле параф со фирмата Сархемс, која во следните 8 години ќе ја работи хеликоптерска итна помош, пренесува Алфа телевизија.

„Во врска со прашањето кое се однесува на договорот со хеликоптерската прва помош, по насока од генералниот секретар ве известуваме дека истиот е потпишан“ – одговорија од владата на прашањето на Алфа.

Кога бил потпишан договорот, не добивме информација, ниту пак под кои услови. Од Владата кратко ни одговорија дека тоа веќе било објавено во јавноста. Приватизацијата на хеликоптерските услуги за итна помош и спасување од самиот почеток беше контроверзна, власта, дилот го склучи со скопската фирма “Сархемс Дооел”, основана 24 дена пред да се објави меѓународниот тендер. Тендерската постапка се спроведуваше под будното око на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој оваа зделка ја оцени како „ремек – дело“.

Освен фактот што хеликоптерската прва помош ќе ја води фирма која нема историја во оваа област, дополнително на критики и оспорувања од страна на опозицијата беше и според нив непрофесионално изработената физибилити – студијата за Системот за хеликоптерско спасување. Од ВМРО ДПМНЕ тврдеа дека власта на криминален начин го дала бизнисот на приватна фирма, а истите услуги ги врши хеликоптерската единица на МВР, бесплатно.

Според Рашковски хеликоптерското „ремек делото“ граѓаните ќе ги чини 0 денари, но остана неодговорено зошто некој би вложувал милионски суми во бизнис ако нема ќар од истиот.

Според објаснувањата на владиниот ген сек, за 6 месеци, САРХЕМС ќе треба да купи два хеликоптера, да опреми 8 хелиодроми низ земјава и да го воспостави целокупниот систем за спасување – пилоти, медицински екипи и поврзаност со постоечките државни служби – МВР, ЦУК, Брза помош, армија… Според договорот, за овие 6 месеци компанијата ќе треба да инвестира 9 милиони евра, а секоја година додека трае договорот, Сархемс на државата треба да ѝ плаќа 10.000 евра. Државното земјиште на фирмата ќе и го обезбеди владата. Интервенцијата на хеликоптерите треба да биде во рок од 15 минути на територијата на целата земја. Колку ќе биде ќарот на државата, а колку на Сархемс за милионската зделка, нема одговор.