Дарко Јаневски

Пред осум години, со колегата Дарко Андоновски отпатувавме во Лерин, Воден и Соботско со цел да направиме економска репортажа од овие три места за тоа како економската криза ја погодува Грција. Немавме цел да бараме Македонци, ниту да правиме политичко-етнички репортажи. Сакавме да видиме како живее обичниот просечен Грк погоден од економската должничка криза.

Бргу се покажа дека тоа едноставно не е можно. Доволно беше некој да не чуе на кој јазик разговараме меѓу себе, да го види автомобиллот и работата тргнуваше во друг правец. 

Овие осум години стари репортажи му ги посветуваме на тимот Заев-Димитров-Бошњаковски за кои Македонците во Грција се „одредена категорија луѓе“, а нивнот јазик ние не сме смееле да го одредуваме зашто ќе сме мешале во внатрешните работи на Грција Ете, и јас и другиот Дарко не сакавме да бараме Македонци и македонски јазик во Грција, ама во овој дел од јужниот ни сосед, тие едноставно се појавуваа и извираа од секој агол. Што да правиме…! Впрочем, еве го првото продолжение од овие репортажи.

НА ПАПАНДРЕУ МУ ТРЕБА ФИСКАЛНАТА НА ГРУЕВСКИ

Официјално Грција има долг од 350 милијарди евра кој веќе наредната година година ќе се зголеми на 160 од нејзиниот бруто домашен производ. Но, информации за животот во Грција главно ни стигнуваат од Атина и Солун. Како изгледа животот во помалите места, пред се тие во кои има Македонци – Лерин, Воден и Соботско? 

Лерин изгледа како просечен балкански град. Ништо посебно впечатливо, но не и премногу разочарувачки. Седиме во едно кафуле на Македонец, кој, за жал, избега од средбата со нас. Пиеме вода и кафе од 2,5 евра, и разговараме со еден од нашите домаќини, жител на околно планинско леринско село, кој исто така себе си се смета за Македонец. И говири на јазик кој го нарекува македонски. Има десетина хектари земја, а годишно за таа земја добива околу 4.000 евра од државата. Се жали дека економската криза го погодила и него.

‘Државата ми должи 13.000 евра кои преку евро фондовите требаше да ги добијам за разни проекти’, ни вели. ‘Порано се исплаќаше побргу. Сега, сето тоа оди бавно. Се чувствува дека касата нема пари’, додава.

Не знае да ни потврди дали парите од Брисел стигнале во грчката каса, па се потрошени за нешто друго, но е убеден дека токму така се случило.

‘Не е ни битно’, дополнува. ‘Важно парите не се кај мене!’

Има пет декари со грозје и не смее да посади од него ни на милимитар земја повеќе. За толку има дозвола од властите. Грција, какво и да ни е мислењето за неа, очигледно е држава која некои области прецизно ги регулирала, за потоа да не и се јавува вишок на производи на кои таа нема да знае што да им прави. Нашиот соговорник вели дека правото да одгледува грозје на пет декари може да го продаде за околу 12.000 евра, но во тој случај, доживотно би ја изгубил можноста да го произведува омиленото овошје од кое потоа ги полни визбите со вино и ракија. По зацрвенетото лице, се гледа дека тоа е последно нешто од што би откажал.

СО 450 ЕВРА ЦЕЛ МЕСЕЦ

Со нас седи уште еден Македонец – грчки државјанин. Тој живее во градот. Нема земја, а работи во фабрика на некој Грк. Дневницата му е 40 евра, но проблемот е што минатиот месец бил повикан на работа само 15 дена. Вкупно заработил 600 евра, од кои 150 морал да ги даде за кирија за гарсониерата во која живее.

– Како опстануваш со 450 евра? – го прашуваме. – Ех, како. Никако! Криза е – одговара кратко и тивко. Порано работел во Австралија, но тамошната заштеда се потрошила. Вели дека главниот удар на економската криза во Грција го чувствуваат вработените во државниот сектор, а за нив кои работат во приватниот сектор не е многу различо од порано, иако последиците ги чувствуваат. ‘Едноставно, како одеднаш да снема пари’, ни вели едниот од нив.

Понекогаш на кафе одат во Битола. Се организираат по тројца-четворица со еден автомобил. Таму седнуваат во кафуле, пијат кафе за едно евро, ќе минат некој час со зголемено чувство на самодоверба, попат ќе го наполнат резервоарот со поефтин бензин, ќе испазарат храна во некој од маркетите и ќе се вратат.

Разговараме безмалку цел час. Потоа ја повикуваме келнерката да ни ја донесе сметката откако нашите нови пријатели си заминаа. Ни објаснува дека тие веќе ги платиле нивните кафиња пред да дојдеме. Ни стана јасно зошто некако срамежливо и набрзина си отидоа откако прашавме се што не интересираше. Веројатно им било срам да се покаже дека не се премногу во добра состојба за да ги почестат гостите. По нив, разговараме со уште еден Македонец, многу подобро ситуиран од претходните, роднина на една наша поранешна министерка. И првите двајца наши соговорници имаат роднини Република Македонија. Биле и во Скопје. Зборуваат за Република Македонија како за земја зад железната завеса, иако сега често одат преку границата. Но чувството на забранетост како да останало да им се провлекува низ ду{ата. Едно од децата на нашиот нов соговорник има завршено филологија. ‘Нема шанси да најде работа’, ни вели. ‘Посебно не сега.’

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ МЕЃУ МАКЕДОНЦИ

РеШаваме да излеземе од македонскиот круг на соговорници и да каснеме нешто во некој грчки ресторант. Солидарност со Македонците од Лерин ќе покажуваме друг пат. Го изминуваме целото централно шеталиште на Лерин кое би требало да биде некоја варијанта на битолскиот Широк сокак, но никако да најдеме пригодно место. Околните кафулиња се полни, за разлика од тие на Македонците кои зјаат празни. Политика? Нетрпеливост? Кој знае. Не убедуваа дека тоа нема врска со прометот. Добро, нека е така.

Стигнуваме до леринскиот споменик на Александар Македонски, се фотографираме крај него и се мајтапиме. Овде има луѓе кои се декларираат како Македонци. Дали тие, според логиката на ‘скопските’ чувари на грчката историја, имаат право на овој споменик? Ако имаат такво право, како тогаш истото право го немаат оние што исто така се декларираат како Македонци, а живеат од северната страна на границата која се наоѓа на само 15 километри од Лерин? Нешто не ни е јасно во оваа загатка, но можеби затоа и ги мериме правливите патиштата низ регионот на Централа Македонија, како што самите Грци го нарекуваат овој дел од нивната држава.

На неколку метри од леринскиот споменикот на забранетиот во РМ, Александар Македонски, речиси на работ од самиот центар на градот, среде празнина, се извишува една огромна и грда полуразрушена куќа, која наликува на запуштените куќи од некое испустено македонско село. Над нејзе, колку за контраст, се издига една убава црква која оддалеку блеска. Малку потаму, среде две нови трикатници, инаетливо се држи  куќа од два спрата чија фасада се изронила за да ги покаже црвените тули и која личела на палата пред седумдесетина години, но денес служи само како потсетник дека во Лерин нема премногу пари. И, имаме впечаток дека така и ќе остане во блиска иднина.

Конечно минуваме крај еден пристоен ресторан. Влегуваме внатре, до скарата стои еден постар човек, мора да е Грк си велиме, доста ни е од секое ќоше да ни излегува Македонец, и сакаме да порачаме. Што друго освен гиро? Додека се објаснуваме меѓусебе дали да јадеме во ресторанот или да го понесеме гирото со себе, барајќи наоколу шанса да поразговареме со некој просечен човек за грчкото секојдневие, скараџијата се свртува и со насмевнато лице, ни вели на македонски:

‘Не може да понесете. Немам лепчиња за гиро. Ако јадете, може само овде’.

„НИШТО ОД БИЗНИСОТ“

Се погледнуваме изненадено. Ова не го очекувавме. Дојдовме во Грција по Грци, а налетуваме само на Македонци. Тој повикува замена крај скарата, го заобиколува шанкот и приоѓа да се поздравиме. Како и сите Македонци, ни се претставува со две имиња – грчкото и неговото родено. Пензионер е, има 1.300 евра пензија, но само затоа што самиот уплаќал доволно за старост. Своевремено работел и во Германија, а сега го држи ресторанот за чиј простор плаќа кирија. Ни нуди да седнеме, сака да не почести пиво, но прифаќаме по еден ‘давидоф’ и го оставаме пивото за следниот пат. Кризата ја чувствува на прометот, но не се жали премногу. Сепак, не е добро, ни вели.

Ги гасиме цигарите и го оставаме да си ја врши работата. Сакаме сладолед, ама и во Лерин тој е едно евро за топка. Си велиме, кисело е грозјето. Не оди тоа! Продолжуваме и патем застануваме кај еден киоск да купиме дополнителни батерии за фотоапаратот. Да имаме за секој случај. Продавачката е Гркинка, ете конечно, но разбира македонски. Бараме сметка за батериите, и прилично не изненадува кога не прашува ‘колку сметки?’. Бргу сфаќаме дека за нејзе фискализацијата е нешто ново и дека работи така што на одредено време внесува во фискалната каса само дел од производите што ги продала. Другиот промет останува во сферата на сивата економија. Добредојдовте во земјата која има потреба од онаа наша реклама од пред десетина година за ‘ништо од бизнисот’, кога во РМ се воведуваа фискалните каси.

Си ја земаме сметката за батериите, а не пропуштаме да земеме и уште една на која стои дека за неполна минута се продадени десетина кутии цигари за 46 евра. Решаваме да  заминеме од Лерин. Излегуваме од центарот на градот и одеднаш влегуваме во еден пуст свет во кој речиси нема движење на автомобили и луѓе. До нас има дуќан со колачи, излогот е преполн со блескаво бели гурабии, но ние конечно го јадеме тоа „проклето“ гиро кај некоја жена која не разбира македонски, не сака да се фотографира и не сака да прави муабет со нас. Вистинска Гркиња. Плаќаме две евра за едно гиро, што е поефтино или идентично на цената во Скопје. Потоа,  за евро и половина купуваме половина литар вода и лименка со сок од друг уличен киоск, кај една прељубезна постара Гркинка која е чиста спротивност на претходната и која не испраќа со љубопитна насмевка, се разбира без да ни даде фискална сметка. Заминуваме кон Воден.

(Продолжува)