Американскиот претседател Џо Бајден го честиташе Денот на државноста на Србија и порача дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Србија во европските интеграции, реформите и постигнувањето траен договор со Косово „кој е фокусиран на меѓусебно признавање“, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Остануваме непоколебливи во поддршката на целта на Србија за европските интеграции и ве охрабруваме и понатаму да продолжите да преземате тешки чекори кон таа цел, вклучително и воведувањето на неопходните реформи и постигнување на сеопфатен договор за нормализација со Косово, кој е фокусиран на меѓусебно признавање, порача Бајден во честитката до претседателот Александар Вучиќ.

Во писмото кое беше објавено од кабинетот на Вучиќ се наведува и дека САД ја „ценат блиска соработка во борбата против пандемијата на Ковид-19, додека заедно се соочуваат со овој невиден глобален предизвик.

Бајден наведе и дека „се радува на соработка со претседателот на Србија за продлабочување на пријателските врски и зајакнување на односите меѓу Србија и САД.“