И во областите во кои добиваме критики имаме сериозни резултати, 6 отсто покачување на платите и 50.000 нови работни места, истакна синоќа вицепремиерката Радмила Шеќеринска.

– Владата покажа дека не ги поткрева нереално очекувањата и дека она што ќе го најави го завршува целосно. Имаме брз процес на ратификации на протоколот за членство во НАТО, завршен во 17 земји членки, што е политичка порака дека оваа држава се извади од калта, рече министерката за одбрана Шекеринска која гостуваше во емисијата „Патот кон“, во рамки на серијата јавни настапи „Две години Влада – Одговорно пред граѓаните“. Во емисијата гостуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Владата, како што рече, не направи ниту една грешка и не им даде аргумент на скептиците да бараат оправдување за одложување на почетокот на преговори со ЕУ.  За ова прашање за РС Македонија, како што посочи, има консензус.

– И во областите во кои добиваме критики имаме сериозни резултати. 4,1 отсто пораст на БДП не сме имале долго време, 630 милиони евра инвестиции не сме имале никогаш порано, 6 отсто покачување на платите и 50.000 нови работни места, рече Шекеринска.

Димитров се осврна на прашањето поврзано со обвинувањата за корупција.

– Нема земја која нема корупција, објективно на добар пат сме, оценката од Извештајот на ЕК, од Извештајот на СД за човекови права итн. Тоа го велат и пресудите за нападот и судењата за бивши и актуелни функционери. Ја имаме Комисијата за борба против корупција која отвори 300 случаи, а затвори 30. Го имаме СЈО, еден нов капацитет што треба да го сочуваме, рече Димитров.

Според Димитров, ова е исклучително важен момент за С. Македонија. Порача оваа енергија да ја искористиме за, како што рече, да нѐ биде.

– Јас сум тука и ќе се фокусирам на мојата работа, нагласи Димитров.

Османи, пак, рече дека со имплементација на реформските планови земјава оствари напредок во сите области кои беа посочени во заклучоците на минатогодишниот самит: правосудство, безбедносни служби, јавна администрација и борба против организираниот криминал и корупција, што е соодветно нотирано и во Извештајот на Европската Комисија.

– И тоа не се мали успеси. Имаме нова Државна изборна комисија, имаме нова Државна комисија за спречување корупција која на дело покажа дека неселективно работи, имаме одвојување на прислушувањето во новата агенција ОТА, но и целосно укинување на УБК како рецидив од минатото и формирање на новата Национална агенција за безбедност, и голем број останати реформи, внимателно нотирани во сите делови од Извештајот на Комисијата, истакна Османи.