Собранието на Република Македонија склучи договор за набавка на 100 преносни компјутери, за што претседателот Талат Џафери ставил потпис.

Станува збор за моделот HP EliteBook 735 G6 Notebook PC, а според набавката, еден лаптоп чини 56.445 денари или 917 евра, без вклучен ДДВ, објави порталот „360 степени“.

Договорот е склучен со ИТ-компанијата „Неоком“. Таа е должна во рок од 60 дена да ги испорача лаптопите, кои треба веднаш да бидат приспособени за работа и на секој од нив на декстопот да има документ со упатство за користење.

Компјутерите Собранието ги добива во период на корона-криза, кога власта и опозицијата се натегаат околу тоа дали парламентот треба да работи онлајн, откако тројца пратеници есенва беа позитивни на коронавирусот.