Многу ми е драго што сум повторно тука. Со Охрид ме врзуваат спомени уште од детството, тоа е нешто повеќе од самите мои концерти, од самиот фестивал, тоа е практично дел од мојот живот и моето семејство. Тука сме престојувале со денови, седмици, тука имам многу пријатели, прекрасни музички спомени.

Тоа го изјави познатиот виолинист Стефан Миленковиќ денеска на прес-конференција по повод неговиот утрешен концерт во „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“, на кој ќе настапи со неговиот колега – пијанистот Владимир Милошевиќ.

Миленковиќ најави атрактивна програма за концертот осмислен со, како што рече, „летен шмек“, изразувајќи уверување дека ќе и се допадне на публиката.

– Сите дела се историски важни, од првата Соната на Бетовен, преку свита, дваесетминутна скратена верзија на „Бакнежот на самовилата“ на Игор Стравински, се до македонската премиера на дело од италијанскиот композитор Николе Кампогранде, инспирирано од Паганини. Потоа следува класика, делото на полскиот композитор Хенри Гењавски, создадено како изјава на неговата љубов кон неговата избраничка Елизабета Хемптон. На програмата е предвидена  изведба на валцер и скерцо на Чајковски, истакна Миленковиќ.

За пијанистот Владимир Милошевиќ утрешниот концерт ќе биде негов прв настап на нашата најреномирана музичко-сценска манифестација.

– Мило ми е што првиот мој концерт тука е заедно со Стефан, со кого веќе неколку години наназад заедно настапуваме. Ова е еден од најзначајните фестивали во овој дел на Европа и токму затоа е голема чест да се биде дел од него. Мило ми е што фестивалот опстојува, со фантастични уметници и избрана програма, рече  Милошевиќ.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ е задоволна од досегашниот тек на годинашното фестивалско издание, реализираните содржини за кои рече дека бележат одлична посетеност.

– Убедена сум дека утрешниот концерт ќе се запише во листата најдобри концерти во фестивалската историја на „Охридско лето“. Би сакала само да најавам дека не очекуваат уште многу возбудливи настани на „Охридско лето“ со кои ќе го задржиме вниманието на публиката, рече таа.

Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот. Како еден од најталентираните уметници од овие простори, Миленковиќ повеќе пати настапува на најпрестижните концертни подиуми во светот, солистички или со бројни оркестри под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Лорин Мазел, Владиимир Федосејев и Даниел Орен.

Миленковиќ кариерата ја почна како дете – на само 10 години настапил пред претседателот на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле Втори. На 16 години го свири илјадитиот концерт во Монтереј, Мексико, а на 17-годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти, како оние во Индијанаполис, „Кралица Елизабета“ (Белгија), натпреварот во Хановер, „Тибор Варга“ во Швајцарија, „Липицер“ и „Паганини“ во Италија, „Лудвиг Шпор“ во Германија и „Јехуди Мењухин“ во Велика Британија.

Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Од  менаџерската куќа „New York Concert Artist and Associates“ е прогласен за „Ѕвезда во подем“ и овозможен му е настап со оркестар во „Меркин хол“ во Њујорк. Настапува во концертните сали во Париз, Лондон, Берлин, Прага, Виена, Тел Авив, Милано, Рим, Перуџа, Венеција, Ница, Лион и Вилнус.

Како победник на Меѓународниот натпревар во Виченца, дебитира во „Карнеги хол“ во Њујорк во 2005 година. Носител е на бројни награди и признанија од меѓународни натпревари во Франција, Полска, САД, Австралија, Италија. Има направено снимки за радио и ТВ во Јапонија, Бразил, Канада и Полска. Владимир Милошевиќ е вонреден професор по пијано на Универзитетот за уметности во Белград.