Седнат по турски пред собирот, виткајќи цигара по цигара, час спокоен и студен, час нервозен и огнен, Гоце не’ учеше, туку расудуваше и не им проповедаше на другите, туку се исповедаше сам себе си. И тој ја прелеваше силната светлина од својата душа на слушателите по оние најсигурни патишта, кои често не се друго освен еден зрак во погледот, една нота во гласот или едно скршнување во движењето. Така необичната љубов и верба на тој необичен човек стануваа љубов и верба на целиот народ. И Македонија се колнеше во негово име…

Подготвил: Дарко Јаневски

‘Тоа беше првиот наш ден на турска земја – 12 јануари 1903 година. Вечерта навлеговме во Разлог (во тоа време и припаѓа на Македонија, н.з.) и тргнавме на ноќен пат кон Банско (во тоа време и припаѓа на Македонија, н.з.). Блиската околија на тоа гратче е рамна и летно време, налевана од пиринските води, се претвора во раскошна градина. Но, зимата, по есенските разлевања на водите, заледената рамница добива изглед на некое заспано море кое блеска во темнината. И сега, веќе на разденување, ние сме се распрснале по ледот, 30-40 луѓе, со чудни движења на некакви призраци. Се разбира, има широк пат, но тој не е за нас, зашто има и аскер, кој ги обиколува улиците.
Јас не броев колку пати се лизнав и се прострев на грб или лазев, ниту колку пати нозете ми летнаа под лед. Мокрото и студот ми продреа до коски, уморот и слабоста почнаа да ме стасуваат. По некое време наметката ми падна и бессилен да ја наметнам одново, ја повлеков со заби. А после, дојдоа оние ѕидови и плетишта што требаше да ги прескокнуваме, оние темни дворишта и улици низ кои требаше да се провреме…
Ние се разделивме на групи по разни места, додека најпосле Гоце и уште двајца-тројца ги фативме скалите на една двокатна куќа во турски стил. Пред нас се отвори вратата на гостинската соба, среде која гореше железна печка, вжештена до црвенило. И ете не по широкиот миндер, изнемоштени од среќа.
Следниот ден почнавме со работа и кај нас доаѓаше врвулица од луѓе. За прв пат во Разлог го видов Гоце меѓу народот и целата негова дарба како агитатор. Тој со години работел меѓу луѓето, неговото око гледаше низ душата, како што се гледа низ некој стаклен предмет. Но, не забележав во него моменти да ги ползува слабостите на луѓето за својата мисла и цел. Можеби никогаш правдата и вистината, вербата во идеалот не добивале поголема чувстителност во човечките зборови – како во оние што излегуваа од неговата уста. Седнат по турски пред собирот, виткајќи цигара по цигара, час спокоен и студен, час нервозен и огнен, Гоце не’ учеше, туку расудуваше и не им проповедаше на другите, туку се исповедаше сам себе си. И тој ја прелеваше силната светлина од својата душа на слушателите по оние најсигурни патишта, кои често не се друго освен еден зрак во погледот, една нота во гласот или едно скршнување во движењето. Така необичната љубов и верба на тој необичен човек стануваа љубов и верба на целиот народ. И Македонија се колнеше во негово име…’

Пејо Јаворов, 12 јануари, 1903 година (запишано во Ајдучките копнежи, а по тргнување на четата на Гоце кон Македонија во јануари 1903)