Дарко ЈАНЕВСКИ

Една од дилемите штое со векови се провлекува меѓу проучувачите на Библијата и научниците, а која не успеваат да ја решат, е кога Исус бил погубен: пред вечерата на Пасха (празник со кој Евреите го одбележуваат бегството од Египет под водство на Мојсеј) или после вечрата (кај христијаните позната и како „тајната вечера“).

ЕВАНГЕЛИЕ ПО МАРКО

Марко, односно авторот на Евангелието по Марко е експлицитен:

Учениците доаѓаат, го прашуваат Исус каде сака да одат за да му ја приготват пасхата, а тој им вели да одат в град, ќе сретнат човек со стомна и каде тој ќе влезе, во таа куќа домаќинот нека ја приготви вечерата. Кога се стемнува, Исус доаѓа со дванаесетмината и тогаш тој им обелоденува дека еден од нив, кој јаде сега со него, ќе го предаде. Потоа го благословува лебот, го крши и им дава да јадат велејќи им дека тоа е неговото тело, ја зема чашата, се напива од неа, а потоа сите пијат од истата чаша (има многу приказни за тоа дека токму таа чаша е популарниот „свет грал“) додека тој им вели дека тоа е неговата крв.

Потоа сите одат на Елеонската Гора каде следи позната реплика со Петар кој се колне дека нема да го предаде на што Исус му возвраќа дека тоа ќе го стори три пати. Тогаш следи предавството на Јуда (Марко, 14), следниот ден изведувањето пред Пилат и погубувањето.

Значи кај Марко е јасно: Исус е погубен после Пасха вечерата.

ЕВАНГЕЛИЕ ПО ЈОВАН

Наспроти ова, авторот на Евангелието по Јован е уште поексплицитен: Исус е изведен пред Пилат, Римјанинот ја прашува толпата кого сакаат да помилува во чест на празникот кој претстои – разбојникот Варава или Исус – тие врескаат барајќи ослободување на Варава, по што судбината на Исус е решена. Пилат ги прашува првосвештениците што да прави со него бидејќи не нашол никаква вина, а тие викаат „распни го“. Пилат влегува внатре, има дијалог со Исус, Јудејците му се закануваат дека ако го пушти му е непријател на римскиот император што го заплашува Пилат, по што тој го изведува Исус одново надвор, а тогаш, во Евангелието е изречно запишано:

„Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”.

Значи имаме две наполно спротивставени тврдења: првото дека Исус е погубен после Пасха и познатата тајна вечера која ја има насликано и Леонардо да Винчи (Марко), а второто дека погубување е пред вечерата (Јован).

Јасно е дека не е можно двете евенгелија да се точни. Не може Исус да биде погубен и пред и после тајната вечера. Добро, но тогаш, кога е погубен? И дали тоа е битно?

Дилемата е уште посилна ако сметате дека евангелијата навистина се напишани од Марко, пријател на Петар, што би значело дека тој го запишал неговото сведоштво, и од апостолот Јован, кој како и Петар бил сведок и би требало точно да знае кога било погубувањето, односно дали славната вечера навистина се одржала или не.

ЗНачи, ако сте еден од оние кои сметаат дека Марко и Јован навистиан се автори на евангелијата, тогаш всушност имаме спротивставени тврдења на Петар и Јован. И ако едното евангелие греши во овој дел, кој вели дека не греши во друг дел. Ако греши и во друг дел, кој вели дека не греши и во трет итн.?

Уште повеќе што Евангелието по Марко  е прво напишано евангелие (меѓу 60-70 година од н.е.) па сеќавањата би требало да бидат релативно свежи, а Евангелието по Јован, иако е последно напишано, би требало да содржи сведоштва на личен учесник на настаните (при ова треба да занемарите дека евнагелијата се всушност напишани анонимно, а нивните наслови се дадени околу 180 година од н.е.).

Овој проблем ене нов, и опстојува со векови. Можеби ќе помислите: а што е битно кога бил погубен? Битно е дека е погубен. Да, но неточноста на едно евангелие, ја отвора можноста за неточност и на друго, и го поставува прашањето за нивната релевантност. А ова не е едниствена контрадикторност во евангелијата. Ги има стотици… Некои до нив се решени, но некои, како оваа – не! Значи кој излажал: Марко, односно Петар или Јован? Односно авторите на овие анонимни евангелија.