Проф. д-р Никола ЖЕЖОВ

Објавениот записник на македонскиот дел од мешовитата бугарско- македонска историска комисија аргументирано ги потврди сомнежите на поголем дел од македонската научна јавност за штетните последици од Договорот за добрососедство што Република Македонија го склучи со Република Бугарија во 2017 година. Овој писмен документ недвосмислено покажува дека се отвораат вратите за непречено дејствување на бугарската пропаганда во Македонија, што од властите во Софија се спроведува како дел од децениската политика кон македонското прашање, стратегија подготвена уште во првите децении на XX век.

Последиците од донесените заклучоци во записникот ќе бидат долготрајни и особено силно ќе ги почувствуваат следните генерации на Македонци кои ќе бидат сведоци на редефинирање на македонската историја во сите нејзини периоди: од антиката до 21 век. Документот ако се примени во реалноста ќе овозможи институционализирана асимилација и денационализација на македонскиот народ со крајна цел, всадување на вештачка бугарска национална свест на македонските ученици преку образовниот систем, конкретно преку промената на наставните планови и содржини на учебниците по историја.

Согласноста на членовите на македонскиот дел од мешовитата комисија да се променат наставните содржини од средновековната историја и содржини од периодот на античката историја на Македонија претставува негирање на етногенезата на македонскиот народ и поткрепа на тезата за наводното вештачко настанување на македонската нација, што е една од главните тврдења на бугарската историографија. Примената на овие штетни и ненаучни заклучоци ќе предизвика домино ефект и ќе отвори еден процес којшто тешко ќе може да се затвори, а напротив ќе овозможи простор за нови отстапки кои целосно ќе ги деградираат научните трудови и резултати на македонската историографија што ги создавала речиси 80 години наназад. Ако се спроведат заклучоците од записникот во македонскиот образовен систем, македонскиот народ ќе биде принуден, македонската историја да ја проучува во своите домови, да ја пренесува од колено на колено на следните македонски генерации и на таков начин да се заштити од штетните влијанија на бугарската пропаганда во Македонија.

На тој начин, Македонија ќе се врати назад во историјата и наместо институционално како што доликува на една организирана држава, да ја брани и заштитува македонската национална свест во домашни услови, во своите семејства, како што тоа го правеле нашите постари генерации кога нашата татковина се наоѓала под различни власти и окупации.

Поаѓајќи од ова, како историчар, како универзитетски професор, како Македонец загрижен за судбината на својата држава, апелирам до македонскиот дел од мешовитата комисија уште еднаш да ја преиспита својата работа и учество во комисијата, да ги повлече своите потписи од овие штетни и ненаучни заклучоци и да застане на ставовите и позициите на најголемиот дел од македонски историчари кои се спротивставија на бугарската антимакедонска политика кон Македонија и македонскиот народ.