Во однос на вториот круг од локалните избори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва во „Трилинг“, во Телевизија 24 истакна дека во Скопје битката е извесна, дека граѓаните веќе гласале против Петре Шилегов, а Данела Арсовска е новиот градоначалник, како и тоа дека е потребен широк опозициски фронт и обединување на партиите и граѓанските движења за создавање на новата иднина.

Николоски потврди дека иста е ситуацијата и со Охрид и со Битола и останати градови каде ВМРО-ДПМНЕ има предност.

-Сега е потребен еден широк опозициски фронт, широко опозициско обединување, затоа што опозициското расположение на Македонија е јасно и сега истото треба да се материјализира, ние сме за соработка со сите коишто гледаат дека оваа влада не работи добро и дека се потребни промени, а тие промени носат различни идеи, а ВМРО-ДПМНЕ не претендира да е единствената политичка сила која ќе ги направи промените, вели Николоски.

Николоски смета дека клучни се исто така и граѓанските движења кои беа застапени на овие избори, кои излегле со одлични идеи и проекти, решенија на локалните проблеми кои градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се спремни заедно со нив да ги реализираат.

-Во вториот круг очекувам да порасне излезноста, затоа што имаше сериозни заплашувања од власта кон гласачите, особено во одредени средини, очекувам тој страв да се надмине, да се зголеми излезноста, а на тој начин и поддршката кон ВМРО-ДПМНЕ ќе е поголема, заклучи Николоски.