Миле Лефков, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на Ваша страна на телевизија Телма, вели дека вчера ја напуштиле седницата на собранието за измени на осум законски решенија поврзани со изградба на коридорите 8 и 10д бидејќи како што рече целата стручна јавност била исклучена да даде свое мислење.

Се замолчува целата јавност и стручната јавност. Се оневозможува јавната расправа и се овозможува на оној кој што не присуствува на седница на Влада, а продава земјиште на својата сопруга по цена од чинење едно кило патлиџани и оној кој што го видовме на поставување на камен темелник како се шета со една маичка на која што беше означен патниот коридор 8, бидејќи само на него му е познат, а на никој друг и гледаме тука како 14 пратеници од Собранието без да ги видат договорите предлагаат закони кои што се спорни, како законот за експропријација, земјоделско земјиште и работен однос, изјави Лефков.

Лефков праша кој пратеник во која држава предлага зголемување на работното време сам по своја иницијатива од 60 часа неделно, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред потпишување на договорот укажувала на голем број нерегуларности, а сега само се потврдило големо тргување со влијание.

Кој пратеник во која држава предлага зголемување на работно време сам по своја иницијатива? И замислете денеска до Собранието не стигна никакво мислење од Владата, односно оние кои се директно поврзани со коруптивниот надзор, и вие знаете и цела јавност посведочи 22 милиони евра за надзор кој што произлегува во една крајно сомнителна постапка, една фирма која што најпрво имаше забрана, па истата беше повлечена, а другата компанија се занимава со производство на долна облека, и која што замислете добиваат дозвола и лиценца 5 дена откако конкурирале на јавниот оглас за вршење на надзор. Ние уште тогаш како опозиција реагиравме и кажавме дека оваа работа не оди на добро. И сега гледаме дека со овие предлог закон навистина станува збор за многу сериозно тргување со влијание. И ако е точна дека се предвидени огромни пенали за државата, тоа не е добро, рече Лефков.

Лефков посочи дека тие бараат да се види договорот кој што го потпишале Груби и Ковачевски, нагласувајќи дека тие треба кривично да одговараат бидејќи ја злоупотребиле службената положба и овластување и потпишат нешто што не е во нивна надлежност.

Ние апелираме да се види тој договор и дали е точно дека се продолжува рокот од 6 месеци доколку не се усвојат овие законски одредби. Прашањето е како Артан Груби и Ковачевски се осмелиле да договараат нешто што не е во рамки на нивната надлежност. Како можат тие да се обврзуваат на нешто кое што не зависи од нив, па дали тоа не го исполнува битието од кривично дело злоупотреба на службена должност, истакна Лефков.