ССМ ќе ја оспори законската одлука со која работната недела би траела повеќе од 40 часа, уверува претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски. Во неделното интервју за РСЕ, тој порачува дека имаме доволно домашни работници за изградба на автопатите и нема потреба да увезуваме.

Господине Пешевски, проектот за изградба на автопатите стана најактуелно прашање, што поради низа недоречености, што поради непопуларните измени на законот со кој работната недела ќе биде продолжена за 60 часа. Што како синдикат ќе направите доколку се донесат измените за подолга работна недела?

Тој предлог нема да направи 60 часовна, туку ќе направи 72 часа работна недела. Досега имавме едно изборено право пред 137 години за кое што навистина паднало крв и луѓето се избориле да работат осум часа, осум часа е за одмор и рекреација, за да ги наполнат батериите и утредента да бидат исто така продуктивни и осум часа. Меѓутоа нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40- 60 како редовни часа плус 12 часа можеби да се плати како прекувремена работа. И да биде трагедијата уште поголема, за новиот закон за работни односи преговараме повеќе од пет години и никогаш ни на Економско- социјален совет, ни во работните групи не беше споменато дека може да има ваква брза измена. Ова се случи откако го видовме потпишаниот договор во четири очи помеѓу „Бехтел и Енка“ и нашите владини претставници: премиерот, вицепремиерот, министерот за траснпорт и врски итн. Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства. Тие средства однапред не можеме да ги видиме бидејќи станува збор за увезени работници. Значи ние финансираме проекти со домашни средства, а тие средства од прекувремени часови, плати или сами по себе компанијата ќе ги наплати, дали е тоа Америка или Турција итн, повторно нема никаков дел од колачот да видат ниту домашните компании, ниту домашните работници.