ВМРО-ДПМНЕ беше против носењето на вакви измени. Прво, по однос на процедурата. Ваквите измени се носат со европско знаменце, во ниедна европска земја Кривичен законик не се менува за два дена, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во централниот дневник на Сител телевизија.

Милошоски додаде дека со овие измени на Кривичен законик се увиде дека на ДКСК и Врховниот суд им биле дадени лажни илинецелосни измени на Кривичниот законик. Тие што ги добиле ДКСК и Врховниот суд биле различни од оние што се изгласаа во Собранието.

„На крајот кога видовме што се случува, говоревме ПРОТИВ и гласавме ПРОТИВ. Сите од ВМРО-ДПМНЕ гласавме ПРОТИВ. Сите кои што бевме присутни видовме дека парламентарното мнозинство има кворум, 63 пратеници беа во салата од владејачкото мнозинство, и ние кои што бевме присутни тука со исклучок на оние кои што беа на службен пат, сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа ПРОТИВ“, рече Милошоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи таков закон за амнестија каков што го најавува власта.

„Го немаме се уште добиено законот затоа што во самата Влада има одредени несогласувања. Гледаме дека на различна линија се премиерот и министерот за правда, како што беа на различна линија и за измените на Кривичниот законик. Но, ние не би поддржале таков закон затоа што сметаме дека овој закон таргетира една целна група која што им е битна на владејачките партии и да им бидат тркачи на следните избори во кампањата“, појасни тој.