Со 100 гласа „за“, три против и без воздржани, пратениците ја изгласаа декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Против беа само двајцата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов и претставникот на партијата на Србите, Иван Стоилковиќ. Левица својот став го образложуваше со потребата Македонија да се држела неутрално во овој конфликт.
Декларацијата се состои од 8 точки, а во неа се наведува дека таа ќе се достави до Владата, Министерството за надворешни работи и до Министерството за одбрана. Во точките од декларацијата се осудуваат воените напади, се бара од надлежните институции да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и на ЕУ за да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија.