Алкалоид АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2019 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Како што соопштија од компанијата, според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 4.138.296.380 денари, што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 846.016.625 денари, бележи зголемување од околу 21 отсто, единечната нето добивка изнесува 476.943.692 денари и истата е зголемена за 19 отсто.

Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.527.969.892 денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за шест отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 21 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 34 отсто се остварени на домашен пазар, додека 66 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени девет отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 отсто и на останатите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 208.941.531 денари што е три пати повеќе од лани и Русија со продажби од 349.136.633 денари што претставува раст од 95 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Германија раст од 49 отсто, Бугарија раст од 32 отсто, Украина раст од 31 отсто, Романија раст од 27 отсто, Чешка раст од 26 отсто, САД раст од 15 отсто, Косово раст од 15 отсто, Србија раст од 12 отсто, Црна Гора раст од 11 отсто, Словенија раст од девет отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22 отсто, Кардиолошките препарати со 16 отсто, Антибиотиците со 15 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со три отсто, Козметика со осум отсто и Билкарство учествува со три отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 865.953.790 денари бележи раст од 22 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 460.762.242 денари е зголемена исто така за 22 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2019 година изнесуваат 421.718.320 денари. Во периодот јануари – јуни 2019 година во Алкалоид се реализирани 80 нови вработувања.