Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 октомври
Денеска е Покров на Пресвета Богородица
Настанот што го слави Црквата денес се случил на 1 октомври 911 година, на едно бдение во Богородичната влахернска црква во Цариград. Црквата била полна со народ. Меѓу народот бил и свети Андреј Јуродивиот со својот ученик Епифаниј. Во четири часот ноќта над народот се појавила Пресвета Богородица со распослан омофор со кој го покривала целиот народ. Била облечена во порфира и блескала со неискажлив сјај, опколена од апостолите и светителите. Гледајќи го јавувањето, свети Андреј му рекол на Епифаниј: “Ја гледаш ли, брате, царицата и господарката над се, како се моли за целиот свет?” Во чест на тоа јавување и се востанови овој празник. Но, овој празник е само потврда или симбол на славењето на Пресвета Богородица, како заштитничка на целиот православен народ, бидејќи нејзиното заштитништво се покажало многупати и пред овој настан. Тој е потврда, пред се, за нејзиното молитвено застапништво за нас луѓето пред престолот на Троичниот Бог.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Калист Први.
Не се знае точно кога е роден, постои верување дека бил роб. Кога се здобил со слобода, папата Зеферин го закалуѓерил, а по неговата смрт го заменил на папската столица како врховен поглавар на Црквата на Христос. Тој многу се борел против неверниците. Маченичката смрт ја поднел во 222 година, затоа што не сакал да се одрекне од вербата во Христос, како што се случило и со останатите христијани во времето на прогонството на Црквата (58-311). Христијаните му се молат поради разни тешкотии.