40 пациенти со прекумерна тежина ќе може да се оперираат од обезност на товар на Фондот, операциите ќе почнат од крајот на овој месец а пациентите ќе се бираат преку Центрите за дебелина, најавија од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Околу 3500 пациенти се прегледуваат во двата Центри за дебелина во државата, а во мај планирано е отварање на уште еден во Прилепската општа болница. Со условен буџет од ФЗО кој ќе изнесува 3,6 милиони денари, 30 пациенти ќе можат да добијат фармаколошка терапија за лечење од дебелина, вели Директорот на Клиниката за Ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања.
Околу 15% од децата во државата се обезни, 35% од возрасните граѓани а 50% од населението е надхрането, велат од Научното здружение за обезност.
Во Македонија не се мери смртоност поради дебелина, но на светско ниво се проценети 5 милиони смртни случаи годишно настанати од прекумерна тежина. Според проценките на Светската здравствена организација, за 10 години ќе настане пандемија на дебелина со 1,5 милијарда луѓе кои ќе се борат со обезност како хронична болест.