Марко КИТЕВСКИ

(Од книгата Македонско црковно народен каландар)

Овој празник поврзан со името на свети Георгиј Победоносец му припаѓа на есенскиот циклус празници и е поврзан со домашни служби.

Востановен е во чест на обновувањето и осветувањето на храмот посветен на овој голем светител.
Празникот Св. Георгиј-Ѓурѓиц е поврзан со името на Светиот великомаченик Георгиј-Победоносец чиј главен празник е на 6 мај според новиот календар.

Иако празникот Ѓурѓовден е голем пролетен празник, во овој период на годината нема празници поврзани со домашни служби. Поради тоа во есенскиот дел од годината кога има повеќе вакви празници, има и два празника поврзани со името на Св. Георгиј-Победоносец, кога, исто така, се одржуваат домашни служби.

Овој празник е поврзан со обновувањето храмот на Св. Георгиј и е познат под името Ѓурѓиц.

На овој ден се празнува пренесувањето на моштите на Св. Георгиј од Никомидија каде што настрадал за време на царот Диоклецијан во Лида Палестинска каде што бил изграден храм што го носел неговото име. Имено, пред крајот на својот живот, кога бил во затвор Св. Георгиј побарал да го посети неговиот слуга кого го замолил по смртта неговото тело да биде пренесено во Палестина, родното место на неговата мајка. Неговиот завет бил исполнет. Царот Константин кој многу го почитувал Св. Георгиј во Лида Палестинска изградил голем храм посветен на овој светител во кој било положено и неговото тело. Во чест на обновувањето и осветувањето на храмот „Св. Георгиј“ како и пренесувањето на моштите на светителот востановен е овој празник.