Денеска е Св. седум отроци во Ефес

Овие седум момчиња христијани, бегајќи од гонењето на царот Декиј (249-251), се засолнија во една пештера близу Ефес. Таму Бог им прати еден чуден и долг сон. Додека тие спиеа, нивните гонители го заѕидаа влезот во пештерата. Двесте години подоцна, во времето на царот Теодосиј Помладиот (408-450) настана голем спор околу воскресението на мртвите. По Божја промисла некои овчари близу Ефес градеа трла за својата стока и за таа потреба ги користеа камењата од истава пештера. И тогаш момчињата се разбудија од сон, здрави и млади какви што беа пред цели два века, на тој начин сведочејќи за реалноста на воскресението. Недела дена подоцна тие пак заспаа, но сега со смртен сон, за да го чекаат денот на општото воскресение.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Хијацинт.

Живеел во тринаесеттиот век. Бил припадник на католичкиот монашки ред кој го основал свети Доминик и кој бил наречен Доминиканци. Припадниците на доминиканскиот ред проповедувале и го ширеле верското учење. Свети Хијацинт проповедувал не само во Полска, туку и во Прусија и Украина. Живеел сиромашно и побожно. На свети Хијацинт му се молат верниците за истрајност во верата.