Марко Китевски
Преподобниот Сисој Велики е роден во Египет и бил ученик на свети Антониј Велики, кој го вовел во монашкиот живот. По смрта на свети Антониј преподобнот Сисој живеел во пустина, на планината што носела име Антониева поради тоа што на неа се подвизувал св. Антониј Велики.
Како што пишува во житието со подвизување и молитви достигнал такво совршенство што бил незлоблив како дете. Господ го дарувал со многу дарови, како на пр. да воскреснува мртви, да лекува болни, да истерува ѓаволи итн. Кај него доаѓале многу монаси и мирјани пред сè за совети, бидејќи бил исполнет со мудрост. Во пустината се подвизувал цели 60 години. Пред смртта лицето му засветело како сонце, а кога испуштил душа во просторијата се почувствувала благосостојба. Починал во длабока старост во 429 година. Во житието се раскажува дека еднаш воскреснал починато дете.
Поради тоа, а и поради тоа што бил незлоблив како дете, во народното верување останал како заштитник на децата поради што на иконите е претставен со лулка. Затоа на овој ден мајките што имаат мали деца во црквата носат поскури за здравје на своите деца и за слава на светителот.
Преданието раскажува дека св. Сисој Велики во пустината каде што се подвизувал го пронашол гробот на Александар Македонски. Кога го видел се возбудил и рекол: „Колку голем човек беше, а сега е само прав и пепел.“ Го затворил гробот и никому не кажал за тоа. Фреска со оваа претстава, св. Сисој над гробот на Александар Македонски има во Слимничкиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ на Преспанското Езеро.