Околу 48 килограми дрога од кои 15 килограми хашиш и 33 килограми марихуана се запленети, а три лица се проведени синоќа во полициска акција во прилепското село Дебреште.
Портпаролот н МВР Тони Ангеловски изјави дека во акцијата учествувале полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, ОВР Прилеп и Одделот за специјални полициски операции во координација со прилепското Јавно обвинителство.
– На патниот правец од Прилеп кон с. Дебреште, на место во близина на градските гробишта лишен од слобода е В.И. (55) од с. Дебрешта, кај кого се пронајдени четири вреќи со околу 48 килограми дрога (хашиш и марихуана) кои ги подготвувал за транспорт. По преземени дополнителни мерки и активности, околу 20.30 часот во Прилеп е лишен од слобода Н.Д. (46) од с. Дебрешта, за кој е утврдено дека бил организатор на транспортот. Потоа од слобода е лишен и Е.И. од с. Дебрешта, соопшти Ангеловски.
По наредба од Основен суд Прилеп, извршени се претреси на три локации во с. Дебрешта и одземени се две патнички возила, мерцедес и голф, во врска со овој случај. Приведените денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основен суд Прилеп.
– Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и друг вид на криминал, рече Ангеловски.