Националната агенцијата за образовни програми и мобилност ја доби дебит нотата, односно официјалното известување за враќање на 2,2 милиони евра на Европската комисија, средства од Еразмус+ програмата кои се злоупотребени во Македонија.
Државата има рок од 30 до 45 дена да ги врати парите, но проблем е што во моментот имаме Техничка влада, вели директорот на Националната агенција, Марко Ѓорѓиевски.
Во консултација со Владата ги разгледуваме сите можни опции како да се вратат средствата. Сите знаеме дека оваа влада е назначена за технички да ги спроведе изборите. Со новиот ребаланс после изборите сигурно овие средства ќе бидат предвидени. Дотогаш ќе правиме напори заедно со Министерството за финансии да се вратат овие средства, вели Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за образовни програми и мобилност.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека се прават напори долгот да се врати со компензација, а потребни се повеќе механизми за контроли за да се спречат вакви појави во иднина, додава тој.
Бараме начини како да дојдеме до една формула со која дел од средствата ќе бидат вратени, а дел ќе бидат одбиени од некои идни проекти за да не мора да враќаме толкав износ. На добар пат сме тоа да го договориме. Ова е откриено со помош на колегите од Агенцијата и целта на целиот процес е тоа да не се повторува и да има една позајакната контрола, рече Бојан Маричиќ вицепремиер за европски прашања.