Повеќе од 20 милиони евра треба да бидат вратени во државниот буџет од продажбата на конфискуваниот имот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, но дури откако Агенцијата за управување со одземен имот ќе го продаде целиот имот што му го заплени, шишува „Слободен печат“. Обвинителството во случајот „Империја“ за кој тој се спогоди и одлежа неколку години во отворениот струшки затвор. Јавноста почна пак да пресметува колку тежи Мијалков за да може со црвено „ферари“ да се луксузира во ресторан во Монако со три мишелин ѕвезди каде што одат најголемите холивудски ѕвезди.

– Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од Министерство за правда – Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека во Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ – велат од Агенцијата во одговор за „Слободен печат“.

Од целиот имот што беше запленет со правосилна судска пресуда уште во јули 2022 година, досега се продадени два апартмана во Охрид и градежно земјиште во селото Радња (меѓу Демир Капија и Кавадарци) вредни 250 илјади евра и три стана и една гаража во износ од 332 илјади евра, или во буџетот се вратени речиси 600 илјади евра.

Но, овие три стана и гаража што се споменуваат и се наоѓаат на Водно, всушност пред точно една година ги купи фирмата „Бест веј инвестмент“, која е во сопственост на синот на Мијалков, Јордан Мијалков. Овој имот беше продаден во ноември на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата тогашниот директор Бесим Небиу обелодени дека биле заплашувани од сопственици на имотот при обидите за продажба.

На јавното наддавање децидно е забрането учество на осуденото лице, но Мијалков како што ги изигра законите и пред издржувањето на затворската казна го смени местото на живеење од Скопје во Охрид за да ја издржува затворската казна во отворен затвор, така и тогаш си ги врати преку фирма на синот.

По промената на власта во Агенцијата беше назначена нова директорка, Ирена Илиевска, која за многу брзо време најавува објавување јавен оглас за продажба на останатиот имот и тоа 20 стана и осум гаражни места на Водно, поточно на улицата „Славејко Арсов“, два апартмана во хотел „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид.

Ќе се продава и градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улица „11 Октомври“ во Скопје.