Извршителите не го почитуваат законот за застарување на предметите, ниту пак ги почитуваат судските одлуки, реагираат од здруженијата „Човекот над профитот“ и „Нон пасаран“. Тие денеска заедно со голем број граѓани се собраа пред Министерството за правда од каде бараат од министерот да им наложи на извршителите да го почитуваат законот за кој инаку и Уставниот суд го отфрли иницијативите поднесени за преиспитување на уставноста на законот. Ова што сега го прават со непочитување на законот е кривично дело, вели Ана Глигоровска од „Човекот над профитот“, објавува ТВ21.
„Под итно Министерство за правда да постапи според Уставот. Тие бараа Уставен суд, ете Уставен суд ги одби сите иницијативи. Бараме од министерот едноставно да ги процесуира застарувањата, законот да го спроведе, затоа што сите застанаа зад законот. Министерот за правда и министерот не се зад законот што е донесен во Собрание и потпишан од претседателот“, вели Ана Глигоровска.
Самка Ибраимовски од партијата ПЦЕР побара од министерот да го исполни ветувањето што го да дека доколку Уставниот суд ги отфрли иницијативите ќе се спроведува законот. Рече дека има околу 220 илјади блокирани сметки од изршителите, а доколку законот не се спроведе најави дека нема да гласаат на изборите.
„Сакам да му порачам на министерот. Ало министре дојдовме кај тебе затоа што ни вети ако Уставниот суд ја одбие иницијативата на адвокатската комора на ЕВН на Телеком и сите други што имаат доставено, ги имаше многу, дека ќе постапите и ќе се спроведува законот. 220 илјади блокирани сметки има. Рачунајте 220 илјади по двајца дома, тоа се 480 илјади. Нема да има ниту претседател на држава ниту пратеници. Нема да излегуваат на гласање“, вели Самка Ибраимовски.
На протестот дојдоа голем број граѓани кои со години имаат проблеми со извршителите. Со транспаренти во рака бараа од министерот да се спроведува законот. Дел од нив се пожалија и дека поради тоа со години живеат без струја.
„Министерство за правда да ни помогне да имаме струја. 15 години сум без струја, на свеќа живеам. Срамота. Лопови, лопови“.