Во Белгија денеска се одржува 24-часовен генерален штрајк, со кој ќе заврши серијата на штрајкови во организацијата на трите најголеми белгиски синдикати што започна во понеделникот.
За разлика од вообичаената пракса, на денешниот генерален штрајк не беше организиран протестен марш на работниците од цела Белгија низ улиците на Брисел, но сепак ширум земјата се одржаа собири и блокади на институции и патни правци. Покрај вработените во јавниот сектор, кои делумно штрајкуваа и во претходните два дена, на денешниот протест се приклучија и поглем број работници од приватниот сектор.
Генералниот штрајк го организираат Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ), Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ) и Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија (ЦГСЛБ/АЦЛВБ) во знак на протест поради социо-економските реформи на белгиската Федерална влада, кои, според нив, влијаат на висината на пензиите и платите и на условите за работа.
Трите синдикати нагласуваат дека штрајкот е „неопходен чекор“, со цел да се натераат белгискиот премиер Барт де Вевер и неговата Влада „да стават крај на социјалното распаѓање“. Синдикатите обвинуваат дека со владините мерки се намалуваат пензиите и социјалната поддршка, се зголемува ДДВ-то и, како што тврдат, се ограничуваат правата на работниците. Меѓу синдикалните барања, покрај откажување од овие мерки, се и воведување „даноци за богатите и дигиталните гиганти“ и укинување на „безусловните субвенции за големи компании“.

Во рамки на генералниот штрајк, претпладнево група синдикални активисти ги блокира приодите до најголемото пристаниште во Белгија во Антверпен, попречувајќи го пристапот камиони и возила кон објектот.
Полицијата соопшти дека на една од блокадите дошло до инцидент, кога синдикални активисти физички нападнале двајца велосипедисти кои се обиделе да поминат преку блокираниот пат. По интервенција на полицијата демонстрантите се согласиле да им дозволат на велосипедистите да стигнат до своето работно место по заобиколен пат.
По повеќечасовен протест, синдикалните активисти попладнево ги деблокираа приодите кон пристаништето.
Гранскиот синдикат за образование соопшти дека во штрајкот во образовниот сектор, што започна вчера, учествуваат над 25.000 вработени во образовните институции.

Неколку стотици вработени во културниот сектор се собраа на протест пред комплексот „Кунстберг“ во Брисел, каде се наоѓаат Кралската библиотека, Националниот архив и Бриселскиот конгресен центар.
Најмалку 450 работници ја блокираа хемиската компанија „Амкор“ во Гент, што доведе до прекин на производството во фабриката. Синдикалната претставничка Катриен Нејт го обвини раководството на компанијата дека „се крие“ зад мерките на Владата на Де Вевер за да избегне правење отстапки кон вработените, како и дека „не ги слуша барањата на синдикатите“.
Околу 100 лица протестираа пред седиштетот на Федерацијата на компаниите за услужни дејности и посредувањето при вработување Федергон во Брисел, изразувајќи незадоволство од „неправедните и антисоцијални“ владни мерки, посебно оние за пензиите. Синдикалната претставничка Анушка Соле изјави дека во услужниот сектор претежно работат жени, од кои многумина со скратено работно време, кои со новите пензиски мерки ќе имаат помали пензии. Таа нагласи дека тие бараат и намалување на старосната граница за пензионирање од 67 години.
ѓ 
Околу 200 синдикални активисти ја блокираа канцеларијата на една од владејачките партии, Реформското движење (МР) во градот Намур, изразувајќи го на тој начин незадоволство од планираните реформи на Федералната влада.
Протести беа организирани и пред неколку супермаркети, а штрајкуваат и вработените во Де-Ха-Ел, УПС, „Икеа“ и други компании.
Поради штрајкот откажани се сите полетувања од бриселскиот аеродром „Зевентем“, а аеродромот „Брисел Југ-Шерлероа“ е целосно затворен за сообраќај. Значителни нарушувања има и во железничкиот и во јавниот превоз, а не работат ниту комуналните служби.
Генералниот штрајк треба да заврши вечерва на полноќ.
Според истражувачкиот центар „Агорија“, во денешниот генерален штрајк учествуваат околу една четвртина од вкупниот број вработени во Белгија, што се проценува дека резултирало со намалување на продуктивноста за 48 отсто. Најголеми загуби, според центарот, има во индустрискиот сектор, каде се бележи пад на производството за 57 проценти. Најмалку погоден од штрајкот е дигиталниот сектор, каде штрајкувале речиси три проценти од вработените и каде загубите се проценети на околу три проценти.
МИА




